Постои опасност од ново разгорување во Трубарево, направен е увид иако и натаму чади
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со увидни екипи на МВР, денеска извршија увид на локацијата во Трубарево каде што изминативе денови избувна голем пожар во складиште за отпад.
Како што соопштија од Обвинителството, увидните дејствија се спроведени и во однос на причините за избивање на пожарот и во однос на складирањето на отпадот. На терен било извршено фотографирање и дронско снимање.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката“, велат од ОЈО.
Дополнително, Министерството за животна средина ќе продолжи со мерења на загадувањето, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата.
На местото и понатаму е стационирана противпожарна екипа, бидејќи се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.
Обвинителството најави дека, паралелно со увидот, ќе продолжат и другите истражни дејствија за целосно испитување на настанот и одговорноста за него.