Како полицијата потфрлила во случајот со Росица, ќе треба да каже Внатрешната контрола при МВР

Јавноста бара одговори кој потфрлил во заштитата на 31-годишната Росица Коцева од Велес, која беше убиена и покрај тоа што претходно имала низа пријави против убиецoт, Илија Стефановски, пред трагедијата. Кога новинарите прашуваа, зошто велешкото или скопското Обвинителство не барале построги мерки за Стефановски, кој не ја почитувал забраната за приближување на Росица, оттаму одговорија дека полицијата не ги известила. Истовремено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција посочува дека тие не можат да лоцираат директна одговорност кај полициски службеници, бидејќи тоа прво треба да го испита Внатрешан контрола при МВР.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР има надлежност за испитување дали полициските службеници постапувале спротивно на законските прописи во конкретниот случај. Доколку се утврди дека со дејствијата на полициските службеници се исполнети елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.

Документите покажуваат дека Росица повеќепати пријавувала вознемирување и напади – од вознемирување додека таа шетала куче, преку физички напад во двор на училиште, па сè до испишување навредливи графити со нејзиното име, запалено возило на нејзиниот татко, па дури и експлицитни снимки оставени на влез од продавница.

Иако постоеле судски мерки за забрана за приближување, доказен материјал бил доставен до Обвинителството уште во јули годинава дека Стефановски не ги почитувал. Сепак, институциите очигледно не реагирале навреме.

Прашањето кое јавноста сега го поставува е – зошто никој не ја спречил трагедијата.

Back to top button
Close