ЕУ: Албанската јавност е лишена од информации за владината програма

Делегацијата на Европска Унија во Тирана соопшти дека на вчерашната тензична пленарна седница „јавноста беше лишена од информации за владината програма, а Парламентот има клучна улога во носење на законските реформи поврзани со ЕУ“.

Делегацијата на ЕУ нагласи дека Парламентот треба да биде форум за конструктивна дебата, каде што се дискутираат политиките и се презентираат алтернативни гледишта, со што се промовира култура на дијалог.

– Во контекст на пристапувањето, Парламентот има клучна улога во дебатирањето и усвојувањето на законските реформи поврзани со ЕУ, проценувајќи ги нивните влијанија и гарантирајќи дека тие се засноваат на инклузивен и транспарентен процес, посочува Делегацијата на ЕУ, додавајќи дека „дебатата за програмата на новата влада за следните четири години ќе дадеше важна можност за дискусија за различните ставови и пристапи кон целта на пристапувањето, што останува меѓупартиска амбиција“.

– Жално е што албанската јавност беше лишена од можноста правилно и целосно да биде информирана за програмата на Владата и да ги слушне нејзините избрани претставници како дискутираат за нејзината содржина, во согласност со одредбите од законот, се наведува во соопштението.

Делегацијата на ЕУ во Тирана уверува дека „ќе продолжи со својата посветеност на зајакнување на улогата на парламентот како институција што промовира и отелотворува отворен и инклузивен политички дијалог“.

– Веруваме дека сите политички партии во Албанија и сите сектори на општеството ќе бидат способни и спремни да ја одиграат својата улога во придонесот кон напредокот на Албанија кон исполнување на барањата за членство во ЕУ, потенцира Делегацијата на ЕУ.

Албанскиот законодавен дом вчера со 82 гласа „за“ ја одобри владината програма за следните четири години и составот на владиниот кабинет.

Седницата во Собранието вчера траеше само 25 минути, откако опозицијата ја блокираше говорницата и не дозволи продолжување на презентацијата на владината програма од страна на премиерот Еди Рама. Исто така, пратениците од опозицијата фрлаа со примероци од Уставот, Деловникот за работа на парламентот, шишиња со вода, во правец на премиерот и членовите на владата.

Причина за тензиите беше противењето на опозицијата на назначувањето на Диела за министер за вештачка интелигенција. Мнозинството, од друга страна, побара гласање. Претседателот на Собранието, Нико Пелеши, ја стави на гласање владината програма за следните четири години и составот на Советот на министри, без дебата, која требаше да трае два дена, со право на 10-минутна дискусија на сите 140 пратеници.

Back to top button
Close