Португалија ќе признае палестинска држава пред сесијата на Генералното собрание на ОН
Португалија ќе признае палестинска држава в недела, пред сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк следната недела, соопшти Министерството за надворешни работи во Лисабон, објави ДПА.
Други земји, вклучувајќи ги Франција, Белгија и Канада, исто така планираат да ја признаат Палестина во ОН следната недела. Иако речиси 150 од 193-те земји-членки на ОН веќе ја признаа палестинската држава, поддршката од големите светски сили е особено важна од палестинска перспектива.
Многу земји од ЕУ, особено во Источна и Југоисточна Европа, ја признаваат Палестина долго време. Унгарија, која има блиски врски со Израел, го стори тоа во 1988 година.
Во контекст на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката палестинска група Хамас, земјите од ЕУ – Шпанија, Ирска и Словенија ја признаа палестинската држава минатата година.
Кон крајот на август, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија нема да им се придружи на другите земји во признавањето на Палестина како држава на Генералното собрание на ОН.