Авганистан го отфрла повикот на Трамп за враќање на американските трупи во воздухопловната база Баграм
Функционер на Министерството за надворешни работи вчера изјави на социјалните мрежи дека Кабул е подготвен за дијалог, но нагласи дека на САД нема да им биде дозволено повторно да го воспостават своето воено присуство во централноазиската земја, објави Ал Џезира.
-Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја вратат воздухопловната база Баграм во Авганистан, изјави претседателот Доналд Трамп во четвртокот за време на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер.
Воздухопловната база изградена од Советскиот Сојуз беше главната база за американските сили во Авганистан по нападите од 11 септември 2001 година до нивното повлекување во 2021 година, што доведе до доаѓање на власт на Талибанците.
-Се обидуваме да ја вратиме, рече Трамп, осврнувајќи се на воздухопловната база Баграм, наведувајќи ја нејзината стратешка локација во близина на Кина како плус. „Ја сакаме назад таа база. Им ја дадовме (на Талибанците) залудно“, се пожали тој, додавајќи дека Баграм е „само еден час оддалечен од местото каде што Кина ги произведува своите нуклеарни ракети“.
Портпарол на кинеското министерство за надворешни работи изјави вчера дека „Кина го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Авганистан“, додавајќи дека „иднината на Авганистан мора да биде во рацете на авганистанскиот народ“.
-Авганистан и САД треба да соработуваат… без САД да одржуваат воено присуство во кој било дел од Авганистан, напиша Закир Џалал, портпарол на Министерството за надворешни работи во Кабул, на социјалните медиуми, објави Ал Џезира.
Кабул е подготвен да одржува политички и економски врски со Вашингтон врз основа на „меѓусебно почитување и заеднички интереси“, додаде тој.
Најновите коментари дојдоа откако Трамп за прв пат потврди дека неговата администрација води разговори со претставници на Талибанците, објави Ал Џезира.