Повторно криза со ЈСП: „Пуцко петрол“ ја прекинал испораката на нафта
Главниот снабдувач со горива на автобусите за градскиот сообраќај во главниот град, „Пуцко петрол“, ја прекинал испораката на нафта. Дали од денеска, па натаму корисниците на ЈСП ќе имаат превоз, останува нејасно.
Имено, како што соопшти Град Скопје, „под силен политички притисок уценетиот Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“ се приклучува на обидите за креирање хаос во Скопје. Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“, соочен со обвиненија затворска казна и подложен на уцени иако има активен договор за испорака на нафта ја прекина доставата“, велат од таму.
Потсeтуваат дека тоа го направил и за предновогодишните празници, „ги остава грѓаните да чекаат на ладно во зима и на жега во лето само да се задоволат суетните лидери од кои очекуваат спас од сургун за своите недела уценетите црнолисташи“.
Од Град Скопје прашуваат дали “не направивте доволно хаос во Скопје, спречивте набавка на нови автобуси, не гласавте бесплатен јавен превоз. ЈСП кој дава јавна услуга за граѓаните која претставува јавен интерес, нема да дозволи идиотските криминогени постапки на уценети бизнисмени да ги трпат граѓаните. Затоа за Асмир Јахоски и „Пуцко петрол“ ќе се покрене соодветна постапка за материјална и кривична одговорност кои произлегуваат како последица од непочитување на договорот за снабдување на ЈСП со нафта со што имаат цел автобусите на ЈСП да престанат да сообраќаат“.
Но, сепак, иако Градот ова го квалификува како „политички игри за предизборен дефокус на ВМРО, Управниот одбор на ЈСП кој го води ВМРО и Мицкоски заедно со Јахоски, кои сакаат да дефокусираат од штетата која му ја предизвикаа на ЈСП и Скопје во изминатите четиори години“, сепак во соопштението нема никаква гаранција дека автобусите на ЈСП и понатаму непречено ќе сообраќаат по скопските улици во деновите што следуваат.
Инаку, Асмир Јахоски е осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а за да не оди во притвор тој даде гаранција со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра, а истовремено му се определуваат мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во судот.