Гостиварска Апелација ја потврдила двегодишната затворска казна за возачот што ја усмрти Теодора, семејството вели дека пресудата е срамна

Семејството на починатата Теодора Ристовска е незадоволно од одлуката на Апелацискиот суд во Гостивар, кој ја потврдил пресудата на Основниот суд во Тетово со која Менсур Пајазити е осуден на две години затвор за смртта на девојката.

Во писмо до јавноста, семејството Ристовски ја оценува пресудата како „срам за правдата“ и „подбив“ за животот на нивната 22-годишна ќерка. Тие истакнуваат дека наместо вистинска правда, добиле „минимализирање на трагедијата“.

„Обвинетиот во жалбата се повикува на интересот на јавноста и на владејачката партија како фактор за ’превисоката’ казна, но тој интерес е многу природен – затоа што кога млад живот е згаснат, секој е потресен. Ако судството не беше труло и корумпирано, никому немаше да му пречи овој интерес. Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза“се вели во писмото.

Иако понатамошниот правен пат до Врховниот суд зависи од Јавното обвинителство, семејството Ристовска нагласува дека нема да молчи и ќе продолжи јавно да бара одговорност. Тие истакнуваат дека оваа неправда не смее да остане без последици.

Во своето писмо до јавноста, тие велат дека не бараат привилегии, туку човечност и фер однос.

„Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот, туку и самиот систем. Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој кој знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност“додаваат тие.

Според нив, срамот на оваа пресуда му припаѓа на правосудниот систем.

„Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва. Правдата мора да биде видлива, опиплива и вистинска. Животот на Теодора не е бројка во досие – тоа е нашата вечна рана. И нема да престанеме да бараме правда, за да покажеме дека жртвите не се оставени сами“се додава во писмото.

Сообраќајната несреќа се случи на 15 август 2022 година во Тетово, кога Менсур Пајазити, управувајќи возило „бе-ем-ве“ со брзина од 59 километри на час, не ѝ дал првенство на Теодора Ристовска, која поминувала на обележан пешачки премин.По несреќата, на првото судење во ноември 2023 година, Пајазити призна вина и беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор. Врховниот суд потоа ги укина двете пресуди и го врати предметот на повторно судење.

На повтореното судење на 7 април 2025 година, Пајазити беше осуден на две години затвор.

На оваа одлука од Основното јавно обвинителство Тетово рекоа дека ќе бараат повисока казна за Пајазити. Според обвинителот, како што се наведува во соопштението, изречената казна е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.

Според семејството, Апелацискиот суд во Гостивар сега ја потврдил оваа казна.

Back to top button
Close