Гроси: МААЕ не забележа зголемено збогатување на ураниум во Иран


Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не регистрираше знаци дека Иран го зголемува степенот на збогатување на ураниум, изјави генералниот директор на агенцијата Рафаел Гроси за време на конференцијата „Светска атомска недела“ во Москва.

– Не гледаме докази дека Иран работи на повисоко ниво на збогатување. Дел од центрифугите беа уништени при нападите врз нуклеарните објекти, но други останаа функционални. Теоретски, Иран има такви можности, но малку е веројатно да ги користи во оваа фаза на зголемени тензии, рече Гроси.

Тој нагласи дека е неопходно да се обнови соработката со Техеран, кој останува „незаменлив партнер“ на агенцијата. Гроси изјави дека се сретнал и со иранскиот вицепретседател и шеф на Организацијата за атомска енергија, Мохамад Еслами, како и со рускиот претседател Владимир Путин.

Директорот на МААЕ предупреди дека не смее да се дозволи ширење на нуклеарно оружје на Блискиот Исток – Замислете колку би било опасно доколку пет-шест земји во регионот поседуваа нуклеарно оружје, рече Гроси.

Тој потсети дека Израел, за разлика од Иран, не е потписник на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, поради што агенцијата нема надлежност да спроведува инспекции таму.

Гроси ја оцени средбата со Путин како „многу интересна и неопходна“ и истакна дека Русија, како водечка земја во областа на атомската енергија и постојана членка на Советот за безбедност на ОН, има клучна улога во глобалната безбедност.

Back to top button
Close