Трамп бара „Мајкрософт“ да и даде отказ на директорката Монако
Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера побара да биде отпуштена претседателката на „Мајкрософт“ за глобални прашања, Лиза Монако.
Трамп на сопствената социјална мрежа „Трут соушал“ (Truth Social) побара Монако да добие отказ поради, како што тврди, е закана по националната безбедност на САД.
– Корумпирана и целосно опседната со омраза кон Трамп, Лиза Монако (наводна пионка на правниот слабак Ендру Вајсман), беше виш советник за национална безбедност под Барак Хусеин Обама, потоа заменик-генерален обвинител опседнат со „правна војна“ и „вооружување на системот“ под Нечесниот Џо Бајден и „шефот кукла на Лиза“, генералниот обвинител Мерик Гарланд, сите тие беа архитекти на најлошите заговори на „длабоката држава“ против нашата земја (РУСИЈА, РУСИЈА, РУСИЈА, измамата од 6 јануари, нелегалниот напад на Мар-а-Лаго, скандалот со „автопенот“ на Бајден, потрагата по документи и друго!), објави Трамп.
Тој додава дека „Монако е шокантно вработена како претседател за глобални прашања во „Мајкрософт“, многу висока позиција со пристап до високо класифицирани информации“.
– Тоа што Монако има таков пристап е неприфатливо и не смее да се дозволи. Таа е закана за националната безбедност на САД, особено со оглед на големите договори што „Мајкрософт“ ги има со американската Влада, истакна Трамп.
Тој посочи дека американската администрација и ги одзеде сите безбедносни дозволи, ѝ го одзеде пристапот до разузнавачките служби за национална безбедност и ѝ забрани влез во сите федерални објекти поради нејзините незаконски постапки.
– Според мене, „Мајкрософт“ треба веднаш да го прекине договорот со Лиса Монако, наведе Трамп на „Трут соушал“.
„Мајкрософт“ сè уште не го коментирал барањето на Трамп.