Иран негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и изразува подготвеност за преговори
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги отфрли тврдењата дека Техеран се стреми кон нуклеарно оружје, изрази подготвеност за дијалог и ги осуди санкциите на САД за време на состанокот со грузискиот премиер Иракли Кобахидзе.
Пезешкијан, исто така, повика на зближување меѓу Иран и Грузија, неколку недели откако земјата од Јужен Кавказ ги прекина воздушните врски меѓу двете земји по американските санкции насочени кон иранските авиокомпании. Двајцата разговараа на маргините на состанокот на ОН за биодиверзитетот во ерменскиот главен град Ереван.
„Иран не се стреми да се здобие со нуклеарно оружје и веруваме дека злонамерната пропаганда против нашата земја е лажна“, изјави Пезешкијан.
„Секогаш сме биле подготвени за дијалог. Тие мислат дека можат да нè принудат да капитулираме, но ние нема да подлегнеме на принуда“, додаде тој, опишувајќи ги санкциите на САД против Техеран како „неоправдани и нехумани“.
За време на разговорот со Кобахидзе, Пезешкијан, исто така, побара прецизен распоред за зајакнување на соработката меѓу Техеран и Тбилиси, објави иранската новинска агенција Тасним. Кобахидзе, од своја страна, според „Тасним“, рече дека се спротивставува на какво било странско мешање во внатрешните работи на соседните земји.
Во септември, грузиската Агенција за цивилно воздухопловство соопшти дека ќе се придржува до режимот на санкции на САД. Кобахидзе нагласи дека Грузија не воведува свои санкции против Иран.






