Мицкоски: Црвените линии на Филипче се контури на ново предавство во иднина

Додека ние се бориме за чесна и успешна Македонија, гледаме за што се борат нашите противници. Гледаме дека нашите противници повторно се обидуваат со трикови и празни декларации да го измамат народот. Најавуваат некакви „црвени линии“ за Бугарија, но во суштина знаеме што вредат и колку вредат и колку траат нивните декларации. Но она што уште не можам да разберам е на кого му праќаат сигнал? На кого се заложници? До кога ќе трае нивниот аранжман?

Ова е реакција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски.

Претходно денеска, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Резолуцијата изготвена од неговата партија која се однесува на враќање на евроинтегративните процеси во преден план, бил најпатриотски документ.

„Народот не е наивен. Народот добро ги памети. Ги паметиме сите нивни изјави од минатото, нивните предавства, нивните лаги. И токму затоа, овој пат ќе има казна уште поголема казна на овие избори споредено со претходните“, изјави Мицкоски.

Мицкоски вели логично е прашањето зошто пред избори оваа тема е наметната од страна на СДСМ.

„Повторувам и не знам и се чудам на што се надеваат, до кого го испраќаат овој сигнал. Но нашиот народ покажал низ вековите дека е мудар, добро памети до пред само една година каква власт имаше СДСМ и ДУИ и што направи. Ги памети и оние траги-комични изјави за македонската жица која свири во душата на нивниот поранешен премиер и сегашен гуру, ги памети и изјавите дека Уставот нема да се менува и ветувањата кои ги даваше додека сите овие сега кои се во раководството му ракоплескаа. Сега таа иста екипа нуди резолуција која и самите знаеме дека и таква каква што е нема да ја почитуваат“, заклучи Мицкоски.

Back to top button
Close