Кривична пријава против поранешна членка на судски совет: Се товари дека незаконски наплаќала патни трошоци откако ќерка ѝ купила стан во Скопје

Единицата за корупција при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 57-годишната Л.Г. од Струмица, поранешна  членка на Судскиот совет на Република Северна Македонија, поради основано сомневање за сторено кривично дело „измама во службата“. Според наводите на полицијата, таа сокрила дека нејзината ќерка купила стан во Скопје со цел да продолжи незаконски да наплаќа патни трошоци за релацијата Струмица-Скопје, со што го оштетила буџетот за 291.040 денари.

Според кривичната пријава, Л.Г., која во 2018 година била избрана за член на Судскиот совет како судијка од штипското апелационо подрачје, имала право на надомест за патни трошоци бидејќи, според изјавата заверена на нотар, таа и нејзиното потесно семејство не поседувале имот во Скопје.

Проблемот настанал во август 2022 година, кога нејзината ќерка се стекнала со стан во Скопје, со што пријавената го изгубила правото на надомест. Сепак, таа не ја пријавила оваа промена кај претседателот на Судскиот совет и продолжила да наплаќа патни трошоци.

Во периодот од септември 2022 до декември 2023 година, на Л.Г. во 15 наврати ѝ биле исплатени вкупно 291.040 денари за патни трошоци на кои повеќе немала право. Таа го известила Судскиот совет за промената дури на 15 јануари 2024 година, по што исплатите престанале.

Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Скопје на 15 септември, а случајот сега е во рацете на обвинителите за понатамошна постапка.

 

Back to top button
Close