Мистериозен „хакирачки напад“ без последици? МВР истражува кој праќа пораки за хакирање на Мицкоски и Тошковски

Помина една недела откако од електронска пошта именувана како „Косова Приштина“ до медиумите беше испратен мејл со наводи за хакерски напад врз мејловите на највисоките државни функционери, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. – Скопје1.мк

Во пораката, испратена и до „Скопје1“, се тврдеше дека ќе има „специјално хакирање во живо“ за време на Дигиталниот самит што се одржа на 1 и 2 октомври во Скопје. Дополнително, во јавноста почнаа да кружат и листи со наводни кориснички сметки и лозинки на државни институции – меѓу нив Министерството за надворешни работи, Министерството за образование, Министерството за транспорт и врски и Општина Гостивар.

Во мејлот до медиумите беа доставени и наводни лозинки и кориснички податоци за е-поштата на премиерот Мицкоски и министерот Тошковски.

Сепак, ниту една институција досега не пријавила конкретни последици од ваков напад.

Од МВР за „Скопје1“ изјавија дека секторот за компјутерски криминал презема активности за утврдување на вистината.

„До овој момент во секторот за компјутерски криминал при МВР нема поднесена пријава за таков случај. Секторот по допрен глас презема мерки за откривање на сторителите и расчистување на случајот,“ соопштија од Министерството.

Не е познато дали наведените податоци претставуваат вистински безбедносен пробив или пак станува збор за обид за спин во пресрет на ИТ-самитот во Скопје.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close