БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИТЕ ОБЈЕКТИ НА АЕРОДРОМОТ СТЕНКОВЕЦ ЌЕ СЕ РУШАТ Државниот инспекторат донесе решение
Државниот градежен инспекторат донесе решение за рушење на објект во кој се организираа свадби и други веселби на спортскиот аеродром Стенковец со кој оперира Аероклубот „Скопје“ бидејќи бил дивоградба и е небезбеден за организирање на свечености.
Инспекторатот соопшти дека при вонредниот инспекциски надзори констатирани се низа неправилности во однос на градбите, односно констатирано е дека на лице место постојат објекти кои се дивоградби, а во истите се организирале настани (свадби, прослави, други активности).
Вонредниот инспекциски надзор, како што е соопштено, е по налог на владата.
Како што пишуваше Плусинфо претходно на спортскиот аеродром Стенковец, е изграден објект кој организира свадби, разни други настани и концерти, за што на располагање има неверојатни 250.000 квадрати. Објектот се рекламираше и на социјалните мрежи.
Тогаш од Аероклубот „Скопје“ тврдеа дека нема ништо спорно. Долгогодишниот член на Аеро-клубот и инструктор по падобранство, Јане Стефанов, објаснува дека тоа што настаните во „Дион Стенковец“ се рекламираат како да се одржуваат на површина од 250.000 квадратни метри е само „рекламна хипербола“ на Инстаграм, но дека реално се користат само околу 35.000 квадрати, без да се зафаќа пистата или целиот аеродром.
И сопственикот на „Дион“, Никола Талев, за Плусинфо тврди дека објектот во Стенковец бил „со сите дозволи“, за што може да се увериме кај субјектот што го издава под закуп. И Талев објаснува дека тоа што во објавите на социјалните мрежи се спомнуваат 250.000 квадрати било само – рекламен трик.