Насилно отворил врата од такси во Скопје, го удрил патникот а потоа му го украл телефонот!
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишник за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Тешка кражба на дрзок начин, согласно член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, објави 4NEWS.mk
Осомничениот, на 4 октомври во вечерните часови, спроти катна гаража на улицата „Мирче Ацев“ забележал две лица од Валандово додека влегувале во такси возило.
Им пришол од зад грб и насилно им ја отворил вратата, а потоа со клоци го удрил едниот оштетен во нозете, така што на оштетениот му испаднал мобилниот телефон. Осомничениот го одзел телефонот и се дал во бегство, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од околу 6.360 денари, објави.
Поради ризикот од бегство и околностите кои укажуваат на можноста осомничениот да го повторува делото, особено имајќи предвид дека претходно повеќепати е осудуван за кривични дела против имотот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.