Алијансата за Албанците: ВЛЕН го отвора патот за српско влијание во стратешкиот енергетски сектор – скандал во МЕПСО

Алијансата за Албанците ја изрази својата најдлабока загриженост и соопшти дека со висока граѓанска и национална одговорност го осудува, како што наведува, „невидениот скандал кој директно ја загрозува енергетската безбедност и институционалниот суверенитет на државата“.

Според соопштението, станува збор за одлука на генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, кој на 27 август 2025 година потпишал договор за соработка со српската компанија „ИМП-Телекомуникаци ДОО Белград“, со предмет на договорот – набавка на уреди за телеконтрола на 400 kV далекуводот Скопје–Врање.

Алијансата наведува дека овој акт, кој на прв поглед може да изгледа како обична техничка процедура, всушност претставува стратешки и политички ризик, претворајќи го едноставниот комерцијален договор во инструмент за проширување на влијанието на „српскиот свет“ врз енергетскиот систем на Северна Македонија, која е членка на НАТО и дел од евроатлантската безбедносна архитектура.

Од партијата посочуваат дека српската компанија не е регистрирана како даночен обврзник во Северна Македонија, што, според нив, предизвикува сериозни сомнежи во врска со транспарентноста, законитоста и целите на договорот, чија вредност изнесува 1.463.200 денари (околу 23.791 евра) со вклучен ДДВ.

„Надвор од финансискиот аспект, она што го прави овој случај особено алармантен е геополитичката димензија и можниот судир на политички интереси“, се наведува во соопштението.

АА дополнително посочува дека Бурим Латифи е братучед на првиот вицепремиер Изет Меџити, претставник на коалицијата ВЛЕН, и дека не може да се исклучи сомнежот дека овој договор е резултат на политичка интервенција и фамилијарна фаворизација, на штета на државниот интерес.

Во своето соопштение, партијата поставува неколку прашања:

– Како е можно компанија со седиште во Белград, во услови на зголемени геополитички тензии, да биде избрана за проект поврзан со критичната енергетска инфраструктура на земја членка на НАТО?

– Дали првиот вицепремиер Изет Меџити официјално или неформално влијаел врз овој процес за да го поддржи својот роднина?

– Дали овој договор претставува прв сигнал за пенетрација на „српскиот свет“ во стратешките мрежи на Северна Македонија преку поединци поврзани со коалицијата ВЛЕН?

Со оглед на сериозноста на случајот, Алијансата за Албанците бара итна смена на Бурим Латифи од функцијата директор на МЕПСО, отворање независна парламентарна и обвинителска истрага за да се разјаснат околностите на потпишувањето на договорот, можниот судир на интереси и евентуалните политички влијанија, како и поништување на договорот и итен јавен ревизорски надзор на сите слични договори склучени за време на неговиот мандат.

„Алијансата за Албанците го смета овој случај за тешко кршење на државниот интерес и обид за поставување темели на српско влијание врз виталните системи на државата преку кревки политички сојузи и клиентелистички врски“, се наведува во соопштението.

Од партијата додаваат дека во време кога регионот се соочува со хибридни, геополитички и безбедносни закани, толерирањето на српско влијание во клучните сектори претставува „не само политичка неодговорност, туку и јасно предавство на националните интереси и евроатлантската ориентација на државата“.

Back to top button
Close