Голема полициска акција во Црна Гора: Уапсени екс министер за одбрана, обвинителка и полицајци

Поранешниот министер за одбрана на Црна Гора и поранешен пратеник на Демократската партија на социјалистите, Предраг Бошковиќ, утрово е уапсен по наредба на Специјалното државно обвинителство, како дел од истрагата против криминална група организирана од бизнисменот Александар Мијајловиќ, соопшти обвинителството.

Покрај поранешниот министер уапсени се и десеттина други лица а меѓу нив има и обвинителка, полицајци и бизнисмени.

Меѓу уапсените се наоѓаат обвинителката Андријана Настиќ, актуелниот полицаец Владан Лазовиќ, поранешните полицајци Драго Спичановиќ и Милован Павиќевиќ, како и бизнисменот Александар Мијајловиќ. Тие се сомничат за создавање на криминална организација која со години се занимавала со шверц на бесцарински цигари од слободната царинска зона на пристаништето во Бар.

Со одлука на истражен судија, бизнисменот Александар Мијајловиќ и поранешниот полицаец Драго Спичановиќ се притворени до 30 дена, патните документи на обвинителката Андријана Настиќ се конфискувани, а на полицаецот Владан Лазовиќ и поранешниот полициски службеник Милован Павиќевиќ им е изречена мера задржување во стан. Ова за порталот RTCG го соопшти советникот за односи со јавност на Високиот суд, Ивана Вукмировиќ.

Повеќе детали се очекуваат од црногорското Специјално државно обвинителство.

Back to top button
Close