Лажни се мејловите и пасвордите кои кружат на интернет од државни институции, лажна е заканата за голем сајбер напад, вели Андоновски
До повеќе медиуми во земјава беше испратена електронска порака со заканувачка содржина, во која се најавуваше „голем сајбер напад“ за време на Дигиталниот Самит на Западен Балкан 2025 што се одржа во Скопје. Во пораката бил наведен и список со наводни е-маил адреси и лозинки од државни институции и физички лица.
Од Министерството за дигитална трансформација за „Скопје1“ велат дека заедно со засегнатите институции направиле детална анализа на содржината. Резултатите покажале дека огромен дел од наведените адреси биле лажни, со погрешно наведени имиња, домени и податоци кои требало да создадат впечаток на автентичност. Само помалку од 2% од објавените адреси потекнувале од стари, одамна затворени инциденти собрани од различни извори.
„Со внимание го следиме целиот процес. Министерството за внатрешни работи презема мерки за справување со настанот, кој има и кривично-правна позадина“, стои во соопштението.
Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, станува збор за политички мотивирана сајбер закана чија цел била да се создаде страв и недоверба кај вработените во јавната администрација и кај граѓаните.
„Оваа кампања користеше лаги, манипулации и измислици со цел да се наруши довербата во Владата и Министерството за дигитална трансформација, токму во период кога се одржуваше голем регионален настан“, изјави Андоновски, додавајќи дека за време на Самитот не бил забележан ниту еден безбедносен проблем на системите под надлежност на Министерството.
Како дополнителна мерка, Владата на предлог на Министерството усвоила Информација за зајакнување на политиките за лозинки на службените е-маил адреси во сите институции. Со тоа, секоја институција е задолжена да воведе високо ниво на безбедност при креирање лозинки, доколку тоа досега не било направено.
Воедно, Министерството најави сет обуки за унапредување на сајбер безбедноста во јавниот сектор, со цел превенција и поголема подготвеност во случај на реални сајбер напади во иднина.