Директорот на ЦУК и неговиот заменик на симулациска вежба за гасење пожар на отворен простор
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Али Мухамед, заедно со заменик-директорот Трајче Јовановски и тимот од Секторот за операции и координација на ЦУК денеска присуствуваа на симулациско-показна вежба на тема: „Справување со пожар на отворен простор од пошироки размери – шумски пожар“ што се одржа на просторот на Национален парк Пелистер, во соработка со Општина Битола.
Како што информираат од ЦУК, целта на вежбата беше подобрување на одговорот при справување со пожари на отворен простор; увежбување на Општинскиот штаб за заштита и спасување во насока на вклучување на дополнителни локални сили; операционализација на одлуките и заклучоците на Општинскиот штаб преку воспоставување на единствен инцидент команд систем; организација и спроведување на мерки за евакуација на населението од загрозеното подрачје, давање триажа и прва медицинска помош; и зајакнување на институционалната кохезија и унапредување на комуникацијата и координацијата меѓу надлежните служби.
-Симулациско-показната вежба беше организирана од Национален парк Пелистер и Општина Битола, со учество на сили и ресурси од локално и регионално ниво, во соработка и поддршка на Центарот за управување со кризи, соопшти ЦУК.