АФЖ Левица: Во Македонија не постои задолжителен и функционален национален скрининг за рак на дојка – апелираме за итно решавање на проблемот

Соопштение на Левица:

Во Македонија сè уште не постои задолжителен и функционален национален скрининг за рак на дојка.

Здруженијата и стручната јавност со години алармираат дека државата мора да воведе задолжителен скрининг за сите жени на возраст од 40 до 69 години, а матичните лекари да ја преземат одговорноста за редовно упатување на пациентките на овие прегледи.

Во пракса, ситуацијата е алармантна:

– во многу болници низ државата апаратите за мамографија не функционираат;

– термини нема;

– голем број жени се приморани да патуваат во други градови за да направат преглед, а често немаат ниту организиран превоз за тоа.

Овие услови се неприфатливи и претставуваат сериозен пропуст во системот на јавно здравство. Според извештај на Државниот завод за ревизија, во 2023 година за скрининг-програми биле потрошени 22,9 милиони денари (околу 370.000 евра), но резултатите се разочарувачки – опфатот е низок, нема јасни индикатори, а дел од пациентките чекале со месеци или воопшто не добиле резултати. Навремениот скрининг може да открие болест во најраната фаза и да спаси живот.

Затоа, АФЖ Левица бара од институциите:

– скринингот да биде редовен, достапен и задолжителен;

– резултатите да се добиваат брзо и сигурно;

– да се поправат и функционализираат сите апарати низ државата;

– да се обезбеди еднаква достапност до скрининг за сите жени, без оглед на местото на живеење.

,,Розовиот октомври” не смее да остане само симболика! „Розовиот октомври” не се само розеви балони и бонбони! Зад симболиката треба да стои суштинска, системска грижа за здравјето на жените од страна на државата.

АФЖ Левица е за систем кој детално се грижи за женското здравје! Ние им ја даваме нашата морална поддршка на сите жени – борки! Заштитата започнува со регулирана превенција. Секој навремено откриен случај е шанса за нов живот

Back to top button
Close