Тошковски без око да му трепне рече дека не чувствува одговорност што на улиците се пука како да сме Див Запад – велат од СДСМ
Од партијата прашуваат уште колку луѓе ќе треба да настрадаат за Тошковски да почувствува одговорност и да поднесе оставка
Министерот на внатрешни работи Панче Тошковски без око да му трепне соопшти дека не чувствува никаква одговорност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ). Оваа реакција на партија следи откако Тошковски вчеравечер им одговори дека нема да си поднесе оставка по вчерашниот оружен инцидент во Куманово, во кој едно лице е повредено.
Според опозицијата, последиците од партизацијата на полицијата и претворањето во партиски сервис на ВМРО-ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се крие за политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните. Не е само последното пукање во Куманово, неприкинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат. Нема ниту превенција, ниту соодветна реакција“се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата прашуваат уште колку луѓе ќе треба да настрадаат за Тошковски да почувствува одговорност и да поднесе оставка.