Промоција на книгите есеи „Од личен агол“ и „Книга 2020“ на проф. д-р Елизабета Шелева во Македонскиот КИЦ во Софија

На 9 октомври (четврток) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи промоцијата на книгите есеи „Од личен агол” и „Книга 2020″ на проф. д-р Елизабета Шелева. Промотор на литературните дела од проф. Шелева ќе биде проф. д-р Кристина Николовска (литературен критичар и теоретичар), а модератор на литературната вечер – Михајло Свидерски (писател, преведувач и издавач).

На средбата со софиската публика, авторката ќе го сподели своето богато искуство и повеќедецениски ангажман во областа на компаративната книжевна наука, книжевната критика и теорија, афирмацијата на современата македонска литература и нејзините врски со другите европски и светски литератури

Елизабета Шелева е истакнатa припадничка на првата генерација македонски компаративисти, која во континуитет од четири децении наназад неуморно го трасира патот и го збогатува креативниот и научен придонес на македонската критичко – теориска школа.

Нејзините првични критички објави и есеи беа печатени не само во домашната, туку и во југословенската периодика, во угледните списанија од Белград, Сараево, Нови Сад, Загреб, Подгорица, како што се: Књижевна реч, Књижевне новине, Dalje, OKO, Polja, Ovdje, Zarez.

Во целиот свој работен век, Шелева е подеднакво застапена како активен двигател на книжевно-научната мисла, чиешто име и дело е препознаено и признаено како авторитетно, не само во Македонија, туку и во странство и затоа била ангажирана како визитинг професор на повеќе странски универзитети (Хале, Загреб, Љубљана, Белград, Дубровник).

Како истакнат научен истражувач Шелева учествувала во 12 научни проекти на МАНУ, вклучително, и меѓународни проекти, остварени во соработка меѓу МАНУ со БАН, односно со САНУ.

Освен тоа, Шелева е паралелно присутна и ангажирана во културниот живот на земјата, како учесник и двигател на новите творечки движења во литературата. Таа дебитира на македонската книжевна сцена во средината на 80-тите години, како активен член и критички промотор на тн. Петти круг, група од афирмирани и реномирани автори, чијашто автентична поетичка определба се нарекува постмодернизам.

 

Член е и еден од основачите на Здружението на Независните писатели на Македонија од 1994 год, а во периодот од 2011 до 2017 год. била и претседавач на ова здружение, коешто беше формирано, по осамостојувањето на Р. Македонија, како творечка заложба и афирмација на новите демократски вредности во културата.

 

Шелева била долгогодишен уредник на списанието “Наше писмо” (1998 – 2018).

 

Покрај тоа, Шелева е долгогодишен уредник на регионалното списание “Sarаjevske sveske” (2005- 2017).

 

Редовен колумнист на “Дневник”(2000) и “Форум”(2008).

 

Повеќе од една деценија, Шелева е член на меѓународната жири комисија за доделување на книжевната награда “Балканика”.

 

Во периодот од 2017 до 2024 год, како истакнат стручњак и авторитет од областа на литературата, е именувана за претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата (којшто во нејзиниот мандат одбележа 60 години од своето постоење).

 

Шелева е долгогодишен и активен член, а била и потпретседател на македонскиот ПЕН центар (2021-2023).

 

Шелева е член на Academia Balkanica Europeana, со седиште во Романија.

 

Авторка е на 300 трудови и 13 книги од областа на книжевната критика и теорија:

 

1. Во име на новото (1986)

 

2. Компаративна поетика (постмодернизмот во македонската фикција/новела) (1996)

 

3. Книжевно-теориски студии (1997)

 

4. Културолошки есеи (2000)

 

5. Од дијалогизмот до интертекстуалноста (2000)

 

6. Заробеници на денот (избрани колумни) 2001

 

7. Отворено писмо (студии за македонската книжевност и култура) (2003)

 

8. Дом/Идентитет (2005)

 

9. Домот на писмото (2008)

 

10. Хетеротопии на писмото (2014)

 

11. Од личен агол (2019)

 

12. Книга 2020 (2021)

 

13. Книжевни созвучја и дијалози (2025)

 

 

 

Награди

 

“Млад борец”(1986) за најдобра дебитанска книга

 

“Корени” (2007) за долгогодишен придонес во критиката и есеистиката

 

 

 

Има објавено и 6 книги преводи, главно од англиски јазик:

 

• Растко Мочник, Теорија за денешно време (1999) (од словенечки)

 

• Гиги Тевзадѕе, Знаци на иднината (2000)

 

• Џудит Батлер, Проблеми со родот (2000)

 

• Карл Попер, Непрекината потрага (автобиографија) (2001)

 

• Ронит Бергман “Медено ласо” (2012)

 

• Хава Коен “Песните на Орфеја” (2015)

Back to top button
Close