За ДУИ нападот на Шахини е обид за атентат, бараат од МВР да не го релативизира
Длабоко сме загрижени и потресени од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на советничката листа во Општина Липково, д-р Зеќирија Шахини, кој беше застрелан од маскирано лице и ранет.
За среќа, неговиот живот е надвор од опасност, но самиот факт што во сред изборна кампања се случува ваков атентат претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата, истакна денеска потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Ова, како што оцени, не е обичен инцидент, туку тежок, намерен и морбиден чин кој има за цел да создаде несигурност, страв и тензии.
„Остро го осудуваме овој варварски и криминален акт и бараме итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции – особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Прикривањето на вистината, одвлекувањето на вниманието или релативизирањето на настанот се неприфатливи и опасни. Додека МВР информира дека „две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило“, првичните факти, сведоштва и снимките од безбедносните камери јасно укажуваат на директен напад од вооружено и маскирано лице кое делувало со јасна намера да му го загрози животот на нашиот кандидат“, рече тој.
Ова, додава Адеми, не е обичен случај, туку настан со силни индикации за атентат, и порачува дека мора да се третира како таков.
„Нашите барања се јасни и легитимни: Да се преземе итна акција, без одложувања и без политички калкулации; Да се идентификува и уапси сторителот, како и сите лица вмешани во организирањето на овој напад; Јавноста да биде навремено и транспарентно информирана, бидејќи безбедноста на граѓаните е државно, а не партиско прашање.
Овој случај не смее и не може да остане без епилог, а истиот мора да се заснова на факти.
Секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата. Доколку е можно политички кандидат да биде нападнат со огнено оружје во сред изборна кампања, во сред град, тогаш ниту еден граѓанин не може да се чувствува безбеден“.
Предупредува дека толерирањето на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции. Упатува повик до Владата, МВР и Јавното обвинителство веднаш и сериозно да постапат како гаранти на редот и законот