Филипче: Над 40 завршени проекти, Кривогаштани е пример како работи СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва порача дека развојот на Кривогаштани е дело на социјалдемократската политика и работата на досегашниот градоначалник, Николче Мискоски. Тој на граѓанската трибина оттаму, рече дека кога општината се води домаќински, од чесни, посветени луѓе, животот се менува на подобро.
„Кривогаштани денес е најразвиената рурална општина во Македонија. И тоа не е случајно, во прашање се дела, резултат и сериозни проекти. Тоа е резултат на начинот на кој нашите кадри од СДСМ ја водат општината систематски, чесно, посветено на луѓето. Повеќе од 40 проекти завршени, неколку во тек на реализација што е навистина резултат за пофалба и потврда дека во Кривогаштани не се зборувало и ветувало, туку се работело! И тоа е разликата меѓу СДСМ и сите други, ние не ветуваме за аплауз, ние ветуваме за да го промениме животот на луѓето на подобро“, рече Филипче.
Филипче рече дека социјалдемократски се креирани за граѓаните и за доброто на сите граѓани во секое семејство, а особено за младите кои во Кривогаштани се активно вклучени во креирањето политики во општината.
„Социјалдемократските вредности солидарност, еднаквост, грижа за секој човек се чувствуваат, во секое семејство, во секоја уличка во Кривогаштани. Затоа денес можеме да се гордееме со оваа општина. Тука младите остануваат, имаат младински центар, младински совет преку кој активно учествуваат во креирањето на локалните политики, граѓаните имаат пристап до социјални услуги, културни содржини, спортски терени и најважно имаат целосно обновена инфраструктура“, рече Филипче.
Но и покрај ова, рече Претседателот на СДСМ Венко Филипче, следува период на многу важна задача, одлука која треба да донесе континуитет за општина, со Игор Каравиловски и советничката листа на СДСМ да продолжи да се развива и да напредува со нови проекти за подобар живот на сите и за Кривогаштани кое има перспектива и иднина.
Филипче, на граѓанската трибина во Кривогаштани, силно ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски за колапсот во земјоделството и негрижата кон земјоделците.
„Земјоделците, кои се гордоста на оваа земја, денес се понижени. Ветуваа дека ќе има сигурен откуп, фер цена, редовни субвенции. А што добија македонските земјоделци? Разочарување, додека гледаат како нивната мака и пот скапува по нивите”, порача д-р Филипче.
Тој потенцираше дека ајварката денес се истура по улиците, поради ниската откупна цена и катастрофалните политики на власта, кои наредната година ќе доведат до рекордно најниско производство.
„Владата на Мицкоски ветуваше 45 денари по килограм, а реалноста е само 20 денари. Но и тие 20 денари не ги плаќаат навреме. Жалосно е во срцето на Пелагонија, во место што е симбол на чесна работа, упорност и резултат, да се истура родот на улица, поради катастрофалните политики на ВМРО-ДПМНЕ”, истакна д-р Филипче, предупредувајќи дека наредната година ќе имаме рекордно најниско производство.
Филипче укажа дека само 30% од субвенциите за минатата година се исплатени, а земјоделците што цела година работеле и вложувале, сè уште ги чекаат своите пари.
„И житото е оставено без поддршка. Го укинале и додатокот од 3 денари за килограм жито, а на сточарите им ги намалиле субвенциите – од 12.000 на 8.000 денари по грло добиток,“ рече Филипче, додавајќи дека ваквата влада мисли само на ПР и нарачани бројки, а не на реалните проблеми на луѓето.
„Гледате дека имаме власт која нема чувство за реалност, власт што живее во статистики, нарачани анкети и реклами, а не меѓу луѓето и нивните проблеми. Имаме власт што го сврте грбот на работникот, на земјоделецот, на пензионерите, на студентите, на секој човек што се бори чесно да преживее”, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во општина Кривогаштани.
Лидерот на СДСМ на граѓанската трибина во Кривогаштани истакна дека СДСМ секогаш стоела на страната на граѓаните, додека денешната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги остава сами со проблемите и ветувањата што не им ги исполнуваат, нагласувајќи дека социјалдемократите никој не оставија сам да се справува со најтешките светски кризи и дека граѓаните секогаш им биле приоритет.
„Секогаш сме биле и сме со граѓаните и кога било најтешко, во најголемите кризи, граѓаните беа наш приоритет. Тогаш не сме барале изговори – туку сме преземале одговорност. Со план и волја покажавме како се стои зад секој еден граѓанин кој се бореше да преживее, да зачува работно место, да го одржи својот бизнис. Никој не оставивме сам. Со СДСМ платите растеа, пензиите растеа, се создаде систем за помош, не за понижување”, истакна д-р Филипче.
Тој потсети дека СДСМ воведе нов, праведен модел на субвенционирање, со кој земјоделците добиваа повеќе и навремено, за разлика од сегашната власт која ги остава нивните производи да скапуваат по нивите.
„Донесовме план и стратегија како да го заштитиме домашното производство и да ги поддржиме нашите земјоделци. Воведовме нов, праведен модел на субвенционирање, со кој земјоделците добиваат повеќе. Обезбедивме 3,7 милијарди денари финансиска поддршка во земјоделството само за една година, а за руралниот развој — уште 1,3 милијарди денари. Ја зголемивме субвенцијата за зелена нафта двојно — од 50 на 100 проценти. Обезбедивме авансна исплата од 30% на директните плаќања, за земјоделците парите да ги добиваат навреме”, рече д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ додаде дека вложувањето во младите земјоделци било еден од најуспешните проекти на СДСМ, со јасна визија да останат дома и да придонесуваат во земјоделскиот сектор.
„Вложувавме и во младите земјоделци — таму каде што сега другите гледаат проблем, ние гледавме и гледаме иднина. Во само две години поддржавме 531 млад земјоделец со над 377 милиони денари. Ние ја двојно зголемивме поддршката — од 10 на 20 илјади евра по млад земјоделец, за тие млади луѓе да останат овде, во Македонија, и да ја градат својата иднина на сопствената земја”, потенцираше д-р Филипче.
Филипче истакна дека СДСМ не работи по принципот „вети – заборави”, туку секогаш стои зад своите политики и граѓаните.
„Ние од СДСМ не работиме по принципот на ВМРО-ДПМНЕ, вети – заборави. Тие земаат од народот наместо да дадат и ги оставаат граѓаните сами со проблемите. Ние сме покажале дека работиме за граѓаните и за државата”, порача претседателот на СДСМ, д-р Филипче од граѓанската трибина во Кривогаштани.