Мицкоски: Има над 80 кривични пријави во фиоките на обвинителството, а за кои клучот е некаде на Бихаќка, СДСМ нема да се толку гласни кога ќе се соочат со законот
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Бутел, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“. Мицкоски зборуваше на темата за правосудниот систем во земјава и истакна дека иако постојат над 80 пријави кои се заглавени во судските и обвинителските лавиринти, тој ќе се посвети на нив по локалните избори. Мицкоски најави ресетирање на системот, кој нема да биде реванш, туку ќе значи одговорност и правда. Како што вели тој, процесот на прочистување на политичкото мочуриште ќе зависи исклучиво од законот и уставот, а од правдата нема бегство.
,,Ги слушам лажните храбрења на Филипче, зад кои убеден сум дека стои само стравот од соочување со одговорност. Тоа се изјавите: „Еве, година и пол помина од Владата, а никој не одговара и никој не се плаши.“ Вистината е дека има над 80 пријави кои седат во фиоките на обвинителството, а клучот на тие фиоки седи некаде на „Бихаќка“, кажа Мицкоски.
Мицкоски најави ресет на целиот систем и длабоки реформи по локалните избори, а додаде и дека ресетот нема да биде реванш туку одговорност и правда онаму каде што до сега нема.
,,Тој клуч ќе се добие и ќе се отвори по овие избори, а јас најавувам ресет на системот и длабоки реформи. Нема да има конечна правда додека законот не ги допре и тие во судството и обвинителството. Со оваа тема посебно и лично ќе се занимавам веднаш по изборите. И правдата ќе ги допре сите оние што сега се удираат во гради. Верувајте, потоа кога ќе бидат соочени со законот, нема да бидат ниту толку храбри ниту толку гласни, затоа што ресетот на системот нема да биде реванш, туку одговорност и правда таму каде што досега не завладеала“ рече Мицкоски и додаде:
,,Мора да има катарза на тоа политичко мочуриште, чиј процес на прочистување нема да зависи од нечија политичка волја, туку единствено од законот и Уставот. Од правдата нема бегство“.
Дарко Костовски, кандидат за градоначалник за општина „Бутел“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и посочи дека ресурсите на општината се насочени на детските игралишта, јавните површини, локалните училишта, социјалната помош за ранливите категории.
„Ги насочуваме ресурсите таму каде што најмногу се чувствува потребата, детските игралишта, јавните површини, локалните училишта, социјалната помош за ранливите категории, детските градинки, грижата за здравјето на граѓаните, и секако спортот“ истакна Костовски.
Костовски наброи дел од реализираните проекти во општината.
„Изградивме две градинки во Бутел 1 и Бутел 2, училиште во Визбегово, плоштад, мега парк во Радишани, корито и уредена трим патека на Серава, 102 улици од кои голем број клучни сообраќајници, пет спортско рекреативни центри, 13 спортски терени, 10 детски игралишта, во образованието вложивме 215 милиони денари, во спортот направивме покрај клубовите, општината стипендира 400 спортисти“, рече Костовски.
Костовски исто така потенцираше дека тендерот за изградбата на поликлиниката е веќе распишан и наброи дел од проектите на изборната програма.
„Овие проекти се ветувани повеќе од 30 години, овие средства не беа ниту од кредит ниту од општината, туку директно негова заложба. Ви благодарам претседателе, тоа е историската поликлиника за којашто распишавме тендер и ќе се наоѓа на местото на старата амбуланта. Вториот проект е децениското барање за жителите од Љубанци да добијат нормална вода за пиење за нивните деца, и тој проект е реален. Ќе изградиме два нови мега паркови, нов културен дом, две нови училишта во Љубанци и Љуботен, три нови градинки во Радишани, Бутел и Визбегово и пет нови спортско рекреативни центри и многу други проекти“, посочи Костовски.
Даме Димитровски, носител на советничка листа на кандидати за советници во Советот на Град Скопје на вечерашниот митинг во Бутел се осврна на проблемите со кои живеат Скопјани посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаат план имаат решенија.
„Имаме план, имаме девет темелни политики кои се темелат на наука, европски искуства и практични решенија. Тоа се чист воздух, чист град, модерен превоз, јавни простори, велосипеди и мобилност, безбеден сообраќај, култура, иновации и најважно чесно управување“, рече Димитровски.
Димитровски укажа дека ова не е само план, само зборови, ќе има конкретни активности за подобро Скопје, а не како до сега.
„Ова се наши работни задачи, ова е нешто конкретно што ќе направиме за вас, за подобро утре“, кажа Димитровски.
Димитровски на крајот на обраќањето ги повика жителите на Бутел, и воопшто граѓаните на Скопје на 19 да гласаат за број 9, за подобро утре.