Шилегов предлага изградба на нова Универзална сала и реконструкција на старата

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната трибина за судбината на Универзалната сала предложи реставрација на постојниот објект на Универзална сала и изградба на нова поголема сала за која веќе одлучил локацијата да биде кај сегашните оранжерии на „Паркови и зеленило“.

-Како дефинитивна одлука за локацијата, како градоначалник одлучив да биде кај сегашните органжерии на „Паркови и зеленило“, зашто мислам дека ако се влезе во изградба на нов мултимедијален објект, тоа треба да биде триумф на македонската архитектура. Затоа што просторот тука дозволува да изградите симбол на градот. Тука може да се реши и проблемот со летна сцена. Сакам до доцна есен да имаме дефинитивна слика и да влеземе во државното буџетирањето за 2021 година, рече градоначалникот.

Тој најави дека откако ќе заврши конкурсот со кој се предвидува изградба на летна сцена на сегашното место на Универзална сала, ќе биде распишан нов конкурс и за реставрација на Универзална сала па ќе се носат конечни одлуки.

Модераторот на трибината, советникот во Град Скопје Васко Лазаревски рече дека во овој момент од Град Скопје се разгледуваат три опции за иднината на Универзала сала. Првата опција е реизградба на истата сала на исто место. Втората е изградба на нова локација со предложено парковско решение на сегашниот простор и трето е реизградба на старата Универзална и изградба на нова сала.

На 28-ми овој месец завршува конкурсот за идејно решение за уредување на евентуалниот простор ако дојде до уривање на постојната локација и ќе биде отворен конкурс за реставрација на Универзална сала.

На трибината присуствуваа архитекти, уметници, културни работници чиј заклучок воглавно бил дека што побрзо треба да се изгради мултимедијална сала, затоа што Филхармонијата, Националната опера и балет, А1 Арената „Борис Трајковски“ си имаат и предности и мани, но секако не може да ги задоволат високотехнолошките капацитети на 21. век.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје пак обвини дека Петре Шилегов денес организираше фингирана јавна расправа поврзана со Универзална сала. Поголемиот дел од учесниците, според нив, биле луѓе блиски до власта или луѓе кои имаат придобивки од самата власт.

Back to top button
Close