Голема акција во Битола: Уапсен Борче Марковски, сопственик на „Марковски Компани“

Борче Марковски, сопственик на „Марковски Компани ДООЕЛ“ од Битола, е уапсен од Финансиската полиција под сомнение за местење тендер вреден околу 100 милиони денари (1,6 милиони евра) во РЕК Битола. Марковски е познат и како почесен конзул на Белорусија во Македонија, пренесе Булевар.

„Марковски Компани“ беше една од најангажираните фирми во минатата влада, а на прес-конференции беше објавено дека со само 10 булдожери во РЕК Битола фирмата можела да заработува 63.000 евра дневно. Според шпекулации, во период од две години „Марковски Компани“ инкасирала околу 200 милиони евра од државата.

Компанијата, основана во 2002 година во Битола, е активна во нискоградба, земјени работи, изградба на патишта и ископи, и располага со возен и машински парк од над 300 вработени. Во 2024 година приходите на фирмата достигнаа речиси 2,8 милијарди денари, што ја позиционира меѓу најголемите градежни компании во регионот.

Најголемите договори на „Марковски Компани“ се поврзани со РЕК Битола, вклучувајќи ископ на јаглен и јаловина, како и механизација и одржување на рудничките постројки. Најголемиот тендер во 2023 година беше вреден околу 46 милиони евра, што претставува рекорд за компанијата.

Договорите предизвикаа контроверзии поради наводна нетранспарентност и предност на „Марковски Компани“ пред другите понудувачи. РЕК Битола истакна дека изборот бил законски и насочен кон непречено производство на електрична енергија, но дел од соработката подоцна беше прекината поради задоцнување во извршување на обврските.

Јавноста и медиумите реагираа на брзиот раст на компанијата од мал основен капитал до десетици милиони евра годишен обрт, што некои го нарекоа „симбол на клиентелизмот меѓу политиката и енергетиката“.

фото фокус

Back to top button
Close