Филипче: Граѓаните на Неготино и Демир Капија за медицински прегледи мора да патуваат во Кавадарци
СДСМ вечерва одржа граѓанска трибина во Неготино, на која претседателот на партијата Венко Филипче рече дека тоа што СДСМ го создаде ВМРО-ДПМНЕ го руши, посочувајќи дека се укинати здравствените услуги во овој град.
Тој истакна дека не зборува само како претседател на СДСМ туку и како лекар, искажувајќи го своето разочарување од здравствениот систем во Неготино.
– Наместо да ја подобрат здравствената заштита, тие подготвуваат нов удар врз граѓаните припојување на ЈЗУ „Здравствен дом“ Неготино кон Општата болница во Кавадарци. Денес, наместо 24-часовна услуга и достапна нега, приправноста во лабораторијата и рендгенот е укината, па граѓаните на Неготино и Демир Капија за секој банален преглед мора да патуваат до Кавадарци или во некој друг град. Тоа е срамно, тоа е понижување за целиот регион, рече Филипче.
Исто како и во Кавадарци, тој рече дека власта на Мицкоски го сруши достоинството на лозарите.
– Ако има една вистинска слика за тоа колку е оваа власт оддалечена од народот, тоа е состојбата со лозарите. Власта на Мицкоски и Трипуновски го сруши достоинството на лозарите. Наместо поддршка, наместо стабилна цена и фер третман, добија неизвесност, лажни ветувања и уцени, порача тој.
Филипче нагласи дека СДСМ однапред ги предупредил за проблемите и предложил јасни и конкретни мерки за нивно решавање.
– Дополнителна субвенција од три денари по килограм предадено грозје и целосна заштита на производствената цена, како што налага законот што ние го донесовме. Но, оваа влада не прифати ништо. Наместо да ги заштитат лозарите, намерно не ја објавија производствената цена, за да можат винариите по нивна директива да ја диктираат откупната цена. Тоа е понижување! Тоа е систем што работи против луѓето што создаваа, рече Филипче.
Ако се погледне пошироко, според него, се гледа иста слика на економска стагнација и инфраструктурен застој.
– Неготино во последните четири години е град во кој ништо не се движи напред. Неготино беше град со потенцијал, град кој имаше енергија и шанса да биде центар на тиквешката економија. Денес е град кој го изгуби чекорот со времето. И не затоа што народот не знае да работи, туку затоа што власта не знае да води, потенцираше Филипче.
Со оваа власт, истакна претседателот на СДСМ, граѓаните на Неготино плаќаат 100% повисоки цени за комунални услуги, а добиваат помалку.
– Неготино денес е пример за тоа што значи кога власта ќе се оттргне од народот. ВМРО-ДПМНЕ за овие четири години ја претвори општина Неготино во сервис за лични и партиски интереси, а граѓаните целосно ги заборави, нагласи Филипче.
Обвини дека преку тендерски шеми и фирми блиски до власта, милионски суми завршуваат во нечии џебови, а народот плаќа повисоки сметки за вода, смет и комуналии.
– Во 2023 година, комуналните услуги беа поскапени за цели 100 проценти – двојно повисоки сметки, а никакво подобрување, рече Филипче.