Објавена инклузивна сликовница „Среќен како Наи“
Како што соопшти издавачот, преку топли и инспиративни сцени, сликовницата „ја слави детската сила, уникатност и способноста да се живее со полно срце, без ограничувања и нè води низ светот на едно дете родено со физичка разлика, покажувајќи дека неговото секојдневие е полно со радост, игра и љубопитност, исто како кај секое друго дете“.
-Заедно со неговата сестра близначка Мила секоја вечер се препуштаме на магијата на книгите – читаме, сонуваме и патуваме низ светови што ги создаваат приказните. Но, еден момент ме погоди: не постоеше сликовница во која Јан можеше да се препознае, да се види себеси. Тоа ме поттикна да ја создадам оваа инклузивна приказна – за да му покажам дека неговата различност е вредност, а не пречка. Сакам преку Наи да ги охрабрам и другите деца и родители да ја прифатат различноста како нешто природно, убаво и нормално. Секојдневието на Наи е како секојдневието на секое дете на негова возраст. Верувам дека секое дете заслужува да се види во светот што го чита… Во моментов приоритет ми е „Среќен како Наи“ да стигне до што е можно повеќе дечиња и домови. Да ја рашириме заедно важноста на инклузивноста, на прифаќањето. Да ја пренесеме пораката дека љубовта и убавиот збор се многу посилни и похрабри од негативниот акт, вели авторката која по професија е графички дизајнер.
-Како мал, но значаен детаљ, низ страниците се провлекуваат нивни цртежи создадени низ годините, кои ја прават оваа книга уште попосебна и лична.