ТАВ Македонија донираше готвени оброци за 110 бездомни лица во Пунктот за бездомници на Црвениот Крст во Момин Поток
ТАВ Македонија, во соработка со Црвениот Крст на Град Скопјe, денеска на Светскиот ден на бездомништво, подготви и донираше готвени оброци за 110 бездомни лица во Пунктот за бездомници во Момин Поток во Скопјe.
Како дел од својата стратегија за корпоративна општествена одговорност, аеродромскиот операторот, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на групацијата АДП, втора година по ред ја организира оваа хуманитарна активност „ТАВ Готви“.
– Континуирано се стремиме да им помагаме на ранливите категории граѓани и да ја зајакнеме солидарноста во заедницата. Втора година по ред ја организираме хуманитарната активност „ТАВ Готви“, во соработка со нашата сестринска компанија БТА, одговорна за храна и пијалоци на скопскиот аеродром. Веруваме дека општеството напредува кога компаниите, институциите и граѓаните дејствуваат заедно за хумани цели. Соработката со организации како што е Црвениот Крст ни овозможува заеднички да создаваме вистинска општествена вредност и затоа би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на луѓето од Црвениот Крст на Град Скопјe и на луѓето од Пунктот за бездомници во Момин Поток. Посакувам да продолжиме да соработуваме и во иднина и заеднички да придонесуваме за подобро утре за оние на кои им е најпотребно, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
– Црвениот Крст на Град Скопјe изразува искрена благодарност до ТАВ Македонија за донацијата на топол оброк наменет за бездомници кои ги користат услугите во Пункотот за бездомници на Црвениот Крст. Со оваа донација, ТАВ Македонија уште еднаш ја потврди својата општествена одговорност и хуманост, придонесувајќи кон подобрување на условите за живот и достоинствен третман на најранливите категории граѓани. Пристапот до топол и свежо приготвен оброк е основна човечка потреба, но, за жал, дел од нашите сограѓани секојденевно се соочуваат со овој предизвик. Благодарение на поддршката од општествено одговорните компании како ТАВ Македонија, Црвениот Крст успева да обезбеди континуирана помош и поддршка за овие луѓе. Црвениот Крст на Град Скопјe високо ја цени долгогодишната соработка со компанијата и нејзината подготвеност да поддржува активности во заедницата, со што заеднички придонесуваме за поинклузивно и похумано општество, изјави Сузана Тунева Пауновска – секретар на Црвениот Крст на Град Скопјe.
Покрај својата основна дејност, која е операции на аеродроми, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, континуирано спроведува општествено одговорни активности со фокус на поддршка на организации со проекти кои им помагаат на ранливите категории на граѓани, децата, жените, образованието, проекти поврзани со животната средина и нејзината одржливост, со цел да се создаде подобра иднина и живот за сите граѓани.
Како што информираат од ТАВ Македонија, во рамките на истата општествено одговорна активност „ТАВ Готви“, ТАВ Македонија и нејзината сестринска компанија БТА, одговорна за храна и пијалоци на скопскиот аеродром, заедно со Црвениот Крст, ќе организираат уште една донација на готвен оброк за бездомници до крајот на оваа година.