Љутков за првата судска победа на СКРМ: Ова е само една пресуда, во наредниот период ќе донесеме став по тоа прашање

„Аме се сретнале неколкупати во овој период со Синдикатот за култура на Македонија и со СОНК и сме разговарале не само за делот на платите, но сме се обиделе да ги отвориме прашањата и во другите работи кои ги содржи Колективниот договор за да го унапредиме.

Но, сè уште нема одзив за другите прашања, единствено е важен делот со платите“, изјави денеска министерот за култура одговарајќи на новинарско прашање.

Ова е само една пресуда, ќе видиме како ќе течат настаните и во наредниот период ќе донесеме став по тоа прашање, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков откако Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) завчера соопшти дека ја добиле првата судска победа во серијата од 800 тужби поднесени за заштита на правата на вработените во културата.

Судот, како што рекоа од Синдикатот, ја усвоил првата тужба потврдувајќи дека правата на културните работници биле повредени со незаконски донесените решенија за плати

Одговарајќи на новинарско прашање, ресорниот министер денеска рече дека имале средби со Синдикатот уште пред март, на кои ги соочиле различните мислења во однос на пресметките на платите.

На крајот, како што кажа тој, Министерството за култура и туризам заедно со Министерството за финансии и Владата ја направило последната пресметка на платите кои им беа исплатени на културните работници.

Тој вели дека и овој период имале неколку средби со СКРМ и со Синдикатот на вработени во образованието, науката и културата (СОНК) и дека освен за платите од Министерството се обиделе да ги отворат и другите прашања од колективниот договор, а со цел негово унапредување.

„Така што ќе видиме како ќе течат настаните. Ние сме се сретнале неколку пати во овој период со Синдикатот за култура на Република Македонија и со СОНК и сме разговарале и сме ги отвориле прашањата не само за делот на платите, но сме се обиделе да ги отвориме прашањата и во другите работи коишто ги содржи колективниот договор за да го унапредиме. Но, сè уште нема одзив за другите прашања, единствено е важен делот со платите“рече министерот Љутков кој денеска заедно со заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор мандат, изврши увид во реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ во скопската населба Ченто.

Министерот рече дека во наредниот период, во зависност од текот на настаните, ќе одржат нов состанок.

Инаку, по добиената прва тужба во нивна корист од Синдикатот на културата на Република Македонија побараа повторна средба со ресорниот министер за да не продолжи, како што рекоа, одлевањето буџетски средства за судски трошоци.

„Ќе видиме како ќе течат настаните, ова е само една, јас дури и вчера после пресот побарав да ја видам пресудата и во наредниот период ќе донесеме став по тоа прашање“рече Љутков одговарајќи на дополнително новинарско прашање.

На прес-конференција пред Министерството за култура и туризам, завчера претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, истакна дека првата добиена пресуда е доказ дека борбата за достоинство е правно издржана, оправдана и заслужена.

„Со оваа пресуда судот потврди дека правата на културните работници биле повредени со незаконски донесените решенија за плати и дека законитата основа мора да се почитува“изјави Атанасовска.

Таа посочи дека оваа прва пресуда поставува темел за сите останати 799 постапки кои следуваат.

Од Синдикатот го обвинија Министерството за култура дека, и покрај судската одлука, продолжува да носи незаконски решенија со номинални износи наместо законска формула, чие кроење го прават истите службеници и во минатата и во сегашната власт.

Атанасовска потсети дека добиле официјален одговор од Министерството за финансии дека пресметките на платите во културата се изготвуваат исклучиво во Министерството за култура, додека Финансии само ги одобрува фискалните планови. Синдикатот не добил одговор од Министерството за култура за тоа како се дошло до, како што ја нарече, „фамозната формула за ускратување на платите“.

Претседателката на СКРМ упати повик за разум и договор повикувајќи го Министерството да седне на маса за да се реши спорот.

„На тој начин институциите нема да плаќаат огромни судски трошоци, а министерот конечно ќе застане зад своите вработени. Доколку тоа не се случи, СКРМ ја продолжува правната битка, но на крајот ќе бара одговорност за оштетениот буџет кој настанал само и заради нечиј каприц“додаде Атанасовска.

Back to top button
Close