Западен Балкан, но каде точно? Британија решава каде ќе ги депортира мигрантите
Британија е сè поблиску до договор за отворање центар за враќање мигранти во една земја од Западен Балкан, објави Политико, иако сè уште не е познато каде точно ќе се наоѓа.
Министрите за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора денеска се среќаваат во замокот Хилсборо во Северна Ирска на самит организиран од Обединетото Кралство. Целта е продлабочување на соработката со европските сојузници и институции.
Министерката за внатрешни работи Ивет Купер ја постави миграцијата како врвен приоритет, бидејќи британската влада се соочува со сериозен притисок поради илегалните преминувања на каналот „Ла Манш“ со мали чамци.
Средбата е дел од поширок дипломатски напор за наоѓање решение – документите на мигрантите кои се обидуваат да стигнат во Велика Британија да се обработуваат во трета земја.
Според владини извори, идејата за балкански центар ќе биде неформално разгледана во Хилсборо. Планот би можел да се финализира на следниот состанок на регионалните лидери на 22 октомври.
Како потенцијална локација се споменува Косово, кое има блиски односи со Обединетото Кралство и се стреми кон посилно партнерство со Западот. За Приштина, ваквиот договор би имал и стратешка цел – зајакнување на позициите во однос на Србија и Русија.