Со традиционален огномет и со почит за хероите, Прилеп го одбележува 11 Октомври
Со традиционалните импровизиран напад на градот и богат огномет, синоќа Прилеп ги започна чествувањата по повод 11 Октомври и 84-годишнината од почетокот на народното востание 1941-та.
Пред голем број прилепчани, традиционалниот импровизиран напад на градот потсети на виорните времиња кога пред 84 години со нападот на тогашната полициска станица – Участак, на прекин на телефонските и телеграфски жици и на прилепскиот затвор на трите групи на партизанскиот одред „Гоце Делчев“, бил означен почетокот на народното, победоносно востание и победата над фашизмот.
– Таа ноќ на 11 октомври 1941-та, прилепските херои, водени од идеалите за слободна татковина, ја запалија искрата која ја осветли цела Македонија. Таа искра го означи почетокот на крајот на ропството, и почетокот на еден нов, историски пат, патот кон создавање сопствена држава, кон самостојна, независна и горда Република Македонија. Вредноста на 11 Октомври не е само во историската победа, туку и во пораката што ја носи дека кога Македонецот верува во нешто, тој стои исправен, непокорен и не се откажува, порача прилепскиот градоначалник Борче Јовчески при синоќешното обраќање од камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп.
Бројни прилепчани го посетија и меморијалниот музеј „11 Октомври“, потсетувајќи се на славните историски настани пред 84 години.
Денеска на празникот, од 10 часот предвидено е да им биде оддадена почит на загинатите борци и дејци: пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, пред споменикот на идеологот на востанието, Кузман Јосифорски – Питу, во центарот на градот, во Алејата на народните херои во Паркот на револуцијата, пред споменикот Жена – борец, како и пред Могилата на непобедените каде се моштите на 650 борци од Прилеп и прилепско, кои загинале во НОБ и револуцијата.
Во 12:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ најавена е свечена академија каде се очекува да говори премиерот Христијан Мицкоски.
Во чест на празникот, во центарот на градот ќе се одржат саем на земјоделски производи и изложба на автомобили, а во просториите на Црвениот крст и традиционална крводарителска акција.