(ВИДЕО) Сè уште се трага по разбојниците кои синоќа извршија грабеж во златара во Гостивар

Во текот на ноќта и утринава, Основното јавно обвинителство од Гостивар издало повеќе наредби за откривање на сторителите кои вчера ограбија златара во строгиот центар на градот, информираат од Обвинителството.

Вчера, од Министерството за внатрешни работи соопштија дека околу 18 часот и 45 минути добиле пријава за грабеж во центарот на Гостивар. Оттаму велат дека сторителите биле вооружени со автоматско оружје, а по грабежот побегнале со возило од марката БМВ без регистарски таблички.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово потврдија дека се работи за добро организиран напад и дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на сторителите. Засега нема информации за точната вредност на украденото.

Според неофицијални информации, за време на бегството, разбојниците поставиле бодликави жици на неколку локации низ градот за да го попречат движењето на полицијата. Кратко потоа, возилото со кое се движеле било пронајдено запалено на патот кон Стража, што најверојатно значи дека се обиделе да ги прикријат трагите.

Back to top button
Close