Скендер Реџепи: Убеден сум дека по локалните ќе има предвремени парламентарни избори
Кандидатот за градоначалник на Скопје на „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Скендер Реџепи вели оти е длабоко уверен дека после локалните ќе има предвремени парламентарни избори.

Реџепи, ваквата своја, условно кажано, прогноза, ја сподели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, темелејќи ја на очекувањето дека „Националната алијанса за интеграција“ на локалните избори ќе победи во сите општини каде што има свои кандидати.
„Јас длабоко верувам дека после локалните избори ‘Националната алијанса за интеграција’ ќе добие во сите општини и со тоа државата ќе биде принудена да оди на нови парламентарни избори. Ве уверувам дека освен градска власт ние ќе имаме и централна власт оти сепак државата е заедничка на сите и волјата на мнозинството граѓани треба да се почитува од сите“, вели тој.
Прашан на што го темели овој оптимизам, Реџепи вели дека тоа го налага реалноста.
Според него, сите анкети покажуваат дека нивната коалиција ќе биде убедлив победник во сите општини каде мнозинство се Албанци и оти при таква ситуација неминовни ќе бидат нови парламентарни избори.
„Ден денеска во власта Албанците се претставени од едно малцинство претставници Албанци, а во иднина тоа малцинство ќе биде уште помало. Така што верувајте дека граѓанскиот притисок во државата ќе ја принуди државата да одиме на нови парламентарни избори и тогаш кохезијата меѓу локална и централна власт ќе биде многу лесно изводлива“, наведува кандидатот на НАИ за градоначалник на Скопје.
Говорејќи за локалните избори и за приоритетте во неговата програма, поточно одговарајќи на прашањето кој капитален проект би го реализирал во Скопје, доколку би станал градоначалник, Реџепи вели дека би ја ревитализирал „левата страна од Вардар“, која, како што наведува, со децении била дискирминирана на сметка на „десната страна од Вардар“.
„Сега малку може ќе речете дека сум пристрасен, но би сакал таа страна од Вардар да се ревитализира оти сепак три децении по ред е оставен во таква дискриминаторска положба на сметка на десната страна од Вардар. Првенствено сакам праведноста да биде дел од градот, во која сите граѓани од сите општини би се чувствувале дека се навистина праведно третирани од градските власти“, вели тој.
Одговорајќи на дополнително прашање за тоа кој ја вршел оваа дискриминација, кандидатот за градоначаник вели дека, според него, тоа биле сите политики до сега.
„Сите до една, точно 34 години наназад сите политики на град Скопје биле дискриминаторски во споредба со онаа страна на Вардорот и оваа страна на Вардарот. Граѓаните така се изјаснуваат. Граѓаните точно знаат како како го гледаат Скопје. Не треба да сме во авион за да ги видиме тие разлики“, вели Реџепи.
Во таа насока, тој наведува дека првенствено би го решил сообраќајот кој, како што вели, е речиси мртов во тој дел од градот. Сликовиот опишувајќи ја ситуацијата, тој вели дека „полесно ќе стигнете од Бутел до Тетово или до Куманово отколку да стигнете до Бит пазар или до Центар.
„Второ, да почнат да се градат институции, модерни и културни и технолошки во кои навистина би се чувствувало дека тој град е рамноправен со оваа страна на Вардар. Јас сакам Скопје да биде град на културен соживот, меѓуетнички соживот и воопшто да не се чувствуваат разликите, оти националните разлики се наши придобивки. Никој немал избор на национална припадност, меѓутоа имаме избор при соживот и заедничко живеење. Сепак Скопје е наш заеднички град. Да се потрудиме да биде и праведен и модерен град“, вели Реџепи.
На темата екологија и управување со сметот, тој се осврнува на проблемот со дивата депонија Вардариште, за која вели дека треба да биде затворена и на тоа место да се изгради еколошки парк.
„Тоа е дел од нашиот проект, оти Вардариште скоро наликува на Чернобил. Чернобил беше бучен и го гледаше светот. Ова тајно, тивко ги труе не само граѓаните околу Вардариште туку се проширува тој токсичен отров секаде. Значи нашата цел, нашиот проект е Вардариште целосно да се затвори и да на местото на Вардариште да имаме еколошки парк“, вели Реџепи.
Прашан кој кандидат ќе го поддржи коалицијата предводена од ДУИ во евентуалниот втор круг, доколку тој не успее да влезе, реџепи вели дека тоа ќе го разгледаат како „Национална алијанса за интеграција“, но додава тои е убеден дека првпат еден Албанец може да биде дел од вториот круг во трката за градоначалник на Град Скопје.
„Верувам дека имаме доста солидна програма, доста солидна менаџерска можност да им покажеме на граѓаните дека би заслужиле да бидеме во трката во вториот круг“, подвлекува тој во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Извор: 360stepeni.mk