(ВИДЕО) Даскаловски: Струмица е град кој не се покорува, да ја продолжиме успешната приказна што ја градиме 20 години

Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Марјан Даскаловски, од големиот митинг во Струмица испрати пораки за единство, истрајност и продолжување на развојот на градот.

 

Тој ја истакна потребата Струмица да остане град на сите луѓе, без поделби и манипулации.

„Струмица живее, дише, расте, и тоа не е заслуга на еден човек. Тоа е заслуга на сите вас. Секој што дал, секој што верувал, секој што не се откажал, тоа се луѓето што ја пишуваа оваа успешна приказна на Струмица”, порача Даскаловски.

Тој подвлече дека сите чекори кои се направени изминатите години се резултат на заеднички труд и посветеност, а не на поединци.

„Дваесет години овој град се развива, се менува, создава. Дваесет години докажуваме дека знаеме, можеме и не се откажуваме. Затоа што Струмица не заслужува пауза, Струмица заслужува иднина”, изјави тој.

Даскаловски упати јасна порака до сите оние кои се обидуваат да го сопрат развојот на градот преку страв, поделби и манипулации.

„Да не дозволиме манипулатори да ја окупираат Струмица. Да не дозволиме стравот да ја сопре успешната приказна. Секогаш ќе има некој што ќе се обиде да создаде поделби, да внесе страв, да шири сомнеж… Но, со страв не се гради. Со поделби не се оди напред. Со уцени не се победува. Овој град се води со љубов, со работа, со идеја и со храброст”, порача Даскаловски.

 

Според него, граѓаните на Струмица нема да дозволат некој да ја скрши нивната волја и достоинство. Тој ги повика граѓаните да ја продолжат успешната приказна на Струмица, со нова енергија и нова генерација:

„Ова не е крајот, ова е нов почеток. Почеток на следното поглавје. Почеток на нова генерација што ќе ја продолжи приказната, смело и одговорно”, рече Даскаловски.

На 19 октомври, тој ги повика граѓаните да излезат и да дадат поддршка на иднината што сами ја создаваат: „Овој град не застанува. Овој град продолжува, со идеја, со работа. Да покажеме дека нашата успешна приказна продолжува. Дека најдоброто допрва доаѓа”, порача кандидатот за градоначалник, Марјан Даскаловски.

Back to top button
Close