Пентагон воведе ограничувања за новинарите, медиумите се повикуваат на Првиот амандман

Голем број истакнати американски медиуми одбија да се согласат со новата политика на Министерството за војна (Пентагон) за новинарски пропусници, која го ограничува она што акредитираните новинари можат да го објават.

Новинарите имаат рок до 17 часот (21:00 GMT) денеска да се согласат со новите упатства, кои беа ревидирани откако првиот нацрт, во кој се наведува дека информациите „мора да бидат одобрени за јавно објавување од страна на соодветен овластен функционер пред да бидат објавени, дури и ако не се класифицирани“, наиде на значителни критики, според американските извештаи.

Здружението на печатот на Пентагон (PPA), кое ги претставува новинарите кои го покриваат Министерството, во соопштението објавено од американските медиуми наведе дека ажурираните правила сè уште „изгледаат дизајнирани да го задушат слободниот печат и потенцијално да нѐ изложат на кривично гонење за едноставно извршување на нашата работа“.

Медиуми како Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Атлантик и Си-Ен-Ен соопштија дека нема да ја потпишат ревидираната политика на Пентагон, велејќи дека таа го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД – кој го гарантира правото на слобода на говорот.

– Предложените ограничувања ги поткопуваат заштитните мерки на Првиот амандман со поставување непотребни ограничувања за собирањето и објавувањето информации, изјави извршниот уредник на „Пост“, Мет Мареј.

Главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг, рече дека „барањата ги прекршуваат нашите права од Првиот амандман и правата на Американците кои сакаат да знаат како се распоредуваат воените ресурси и персоналот финансиран од даночните обврзници“.

Секретарот за одбрана Пит Хегсет во објава на Икс наведе дека сите нови правила бараат само: „Печатот повеќе да не талка слободно“, „печатот мора да носи видлива значка“ и „акредитираниот печат повеќе да не смее да поттикнува кривични дела“.

Хегсет беше критикуван претходно оваа година за тоа што беше дел од група за разговор на Сигнал во која се разговараше за чувствителни воени планови во врска со мартовскиот напад врз милицијата Хути во Јемен, поддржана од Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп редовно ги критикува етаблираните медиуми, нарекувајќи ги „лажни медиуми“, и презеде мерки против медиумите кои се критични кон владините политики.

Back to top button
Close