Москва го обвини Ходорковски за заговор за преземање на власта
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) отворила кривична постапка против протераниот критичар на Кремљ, Михаил Ходорковски, обвинувајќи го за создавање „терористичка организација“ и заговор за насилно преземање на власта.
ФСБ соопшти дека истражува повеќе од 20 лица поврзани со случајот, вклучувајќи го истакнатиот дисидент Владимир Кара-Мурза, поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров, поранешниот премиер Михаил Касјанов и истакнатите економисти Сергеј Алексашенко и Сергеј Гуриев.
Овој потег доаѓа помалку од две недели откако Парламентарното собрание на Советот на Европа, кое делува како форум за човекови права за претставници од 46 европски земји, објави дека создава „платформа за дијалог“ со руските демократски сили во егзил.
ФСБ во соопштението наведува дека Ходорковски тоа го претставува како опозициска руска влада во егзил. ФСБ, исто така, го обвини за финансирање на украински паравоени единици со цел да ги користи во обид да ја преземе власта.
Ходорковски ги негира обвинувањата, нарекувајќи го овој кривичен случај знак дека Кремљ ја гледа иницијативата на Советот на Европа како „голем проблем“.
– Затоа и доаѓаат новите случаи на „преземање на власта“, лаги за „регрутирање“ и „вооружување на украинската армија“, објави тој на Телеграм.
Русија го напушти Советот на Европа во 2022 година, соочувајќи се со протерување поради инвазијата на Украина.
Случајот веројатно нема да им донесе ништо ново на овие Руси, кои веќе живеат во странство и се соочуваат со можност за апсење ако се вратат во својата татковина.