Ноќеска на полноќ почнува изборниот молк за првиот круг на локалните избори
Ноќеска на полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до завршувањето на изборите. Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде што нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг
Денеска е последниот ден од изборната кампања пред одржувањето на првиот круг на претстојните локални избори, кои треба да се одржи в недела на 19 октомври. Политичките партии, независните кандидати и коалиции уште денеска имаат можност да се претстават себеси и своите визии и програми за локалните избори.

Ноќеска на полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до завршувањето на изборите. Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде што нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вечерва ќе имаат завршен централен митинг во Охрид, а СДСМ и коалицијата својата програма ќе ја претстават во Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово и Куманово.
За денеска најавена е и прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, пак, ќе ја претстави својата програма на завршен митинг во Куманово.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, денеска ќе одржи прес-конференција на Плоштад „Слобода”.
За денеска е најавена и прес конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, како и на Билјана Ивановска, независна кандидатка за градоначалник на Општина Центар поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“.
На претстојните локални избори право на глас имаат вкупно 1 832 415 избирачи, колку што се запишани во Избирачкиот список, информираа од ДИК.
Согласно евиденцијата на надлежните органи, право на глас имаат вкупно 112 000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2 162 избирачи кои се во притвор или издржуваат затворска казна и 450 избирачи од домовите за стари лица.
Во државата се регистрирани 3 480 избирачки места, од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи. Гласањето за нив, како што соопштија од ДИК, ќе се спроведе на најблиското избирачко место.