Судот го одoбри обвинителниот акт за Александар Нацев сопственик на „Рубикон“за трагедијата во „Пулс“
Кривичен го прифати обвинението за Александар Нацев, реалниот сопственик на обвинетото правно лице Рубикон Секјурити Солушн, компанијата која го обезбедувала објектот на импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани каде во пожар загинаа 63 луѓе, а 210 беа повредени.
„Обвинителниот акт беше поднесен на 4 – ти септември од страна на обвинителниот тим кој постапува по истрагата за пожарот, а се однесува против едно лице – А.Н. кој е осомничен за кривичното дело од чл. 292 ст.2 в.в. со чл. 288 ст.3 в.в. со ст. 2 в.в. со чл. 22 од КЗ, а согласно соопштението на Јавниот обвинител, истиот се јавува како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје. Согласно одобрениот акт, формиран е кривично правен предмет со К.бр. 1970/25 кој согласно АКМИС – системот е веќе распределен кај судија Биљана Смаќовска на понатамошно постапување“, велат од Кривичниот суд.
Како што тогаш соопшти Основното јавно обвинителство, Нацев се товари за сопствен особен придонес, бидејќи заедно со повеќе одговорни и службени лица за кои веќе е поднесен обвинителен акт кој е во фаза на оценка, како и со други за сега непознати лица, не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.
„Поради нивните пропусти во еден подолг временски период, како и поради конкретните дејствија на дел од обвинетите, на 16.03.2025 година во угостителскиот објект во Кочани бил предизвикан пожар на место каде што биле собрани поголем број луѓе, при настап на музичката група ДНК, во целосно небезбедни и опасни услови, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесна повреда се здобиле 65 лица“, соопшти тогаш ОЈО.