ВИДЕО Мистеријата со клучниот доказ за „Пулс“: Рекордерот од камерите е тука, но снимките од трагедијата ги нема

Дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што во трагичен пожар загинаа 63 лица, била темпирана бомба направена од евтини и лесно запаливи материјали, а нејзината работа била овозможена преку систем на фалсификувани документи, мито и целосно замижување на институциите, открива деталната анализа на порталот PortalX.

Според објавените фактури, за реновирање на објектот биле потрошени само 96.000 денари за материјали како сунѓер за звучна изолација, поликарбонат и акрилни плочи, што јасно покажува дека безбедноста била на последно место. Дополнително, хидрантот во објектот бил неисправен и без црево, а прозорците биле затворени со гипс-табли, оневозможувајќи каква било евакуација.

Сведоштвата откриваат целосно незаконско работење, објави 4NEWS.mk

Анализата се повикува и на сведоштва од поранешни вработени и посетители, кои потврдуваат дека дискотеката функционирала надвор од сите закони:

Вработените работеле без договори и осигурување, а биле исплаќани „на рака“ со дневници.

Често биле присутни малолетници, а постоела и „тајна врата“ за бегство при полициски рации.

За влезниците никогаш не се издавале фискални сметки, а на влезот не се проверувале лични карти.

Фалсификувани елаборати за 100 евра и купена лиценца

Клучен дел од истражувањето е начинот на кој објектот ги добивал потребните документи. Елаборатот за заштита од пожар, според PortalX, бил фалсификуван. Осомничената М.Е., која го изработила, во изјава пред Јавен обвинител признала дека во 2023 година, на барање на сопственикот, само ја сменила датата на стар елаборат од 2011 година, иако веќе немала овластување за тоа. За услугата, како што изјавила, наплатила „максимум од 100 до 200 евра, во кеш“. На прашањето за опасноста од сунѓерот на плафонот, таа одговорила дека сметала оти нема ризик бидејќи пушењето во објектот било забрането.

Дополнително, од Општина Кочани потврдиле дека сопственикот никогаш не поднел барање за пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект.

Обвинителниот акт, пак, открива и сомнежи за мито: осомничениот Дејан Јованов му дал 226.000 денари на службеник во Министерството за економија за да му издаде фалсификувана лиценца за работа како кабаре.

„Средив со комисијата, ќе пишеме дека „бевме“ во сабота“

Најшокантниот дел од анализата се објавените СМС пораки кои, како што се тврди, се од комуникација меѓу службеници во Министерството за економија и покажуваат како се договарале лажни контроли:

„Прати ми слики. И од внатре, и од кујна.“, објави 4NEWS.mk

„Овде средив со комисијата. Ќе спремам решение дека сме биле кај вас во сабота.“

„Ние ‘бевме’ во сабота на контрола кај вас. Средив со комисијата овде.“

Анализата на PortalX завршува со прашањето зошто во доказните материјали за случајот ги нема снимките од безбедносните камери, иако ДВР-уредот останал недопрен во пожарот.

ПОВЕЌЕ 4NEWS.mk

Back to top button
Close