Велика Британија и Турција потпишаа договор вреден над 10 милијарди долари за продажба на 20 борбени авиони „Тајфун“

Велика Британија се согласи да ѝ продаде 20 борбени авиони „Тајфун“ на Турција во договор вреден до осум милијарди фунти (10,7 милијарди долари).

Британскиот премиер Кир Стармер го потпиша договорот за време на посетата на Анкара денеска, опишувајќи го како „победа за британските работници, победа за нашата одбранбена индустрија и победа за безбедноста на НАТО“.

Договорот е најголемиот договор за продажба на борбени авиони во речиси 20 години и прва нова нарачка за британски „Тајфун“ од 2017 година, со што се поддржани илјадници работни места во Британија.

Стармер рече дека договорот, исто така, претставува поттик за безбедноста на НАТО. – Да се има тој капацитет зацврстен со Обединетото Кралство е навистина важно за НАТО, изјавуви тој за медиумите во Турција.

Договорот од денеска е заклучок на долготрајните дискусии, при што Анкара наводно барала да купи „Тајфун“ од 2023 година.

Во јули, министерот за одбрана, Џон Хили, потпиша меморандум за разбирање со неговиот турски колега, со што се отвори патот за извозниот договор, откако Германија наводно се приклучила на договорот.

Авионите, познати и како „Еурофајтери“ (Eurofighters), се произведуваат во партнерство меѓу Обединетото Кралство, Германија, Шпанија и Италија. Околу 37 отсто од производството се одвива во Велика Британија, вклучувајќи го и финалното склопување во фабриките на БАЕ Системс во Вартон и Самлсбери, во близина на Престон, Ланкашир.

Кабинетот на Стармер во Даунинг стрит соопшти дека програмата „Тајфун“ директно поддржува речиси 6.000 работни места во двете фабрики, а денешниот договор ја спасува производната линија во Вартон. Програмата поддржува и повеќе од 1.100 работни места во Југозападна Англија, вклучително и во фабриката на Ролс-Ројс во Бристол, и 800 работни места во Шкотска.

– Ова е уште еден голем извозен договор за Велика Британија и е најголем договор за извоз на авиони во една генерација… Овој договор оди многу подалеку од набавката на авиони. Тој е водечки елемент на растечкото одбранбено и индустриско партнерство меѓу нашите две нации, потенцираше Хили.

Претходните извештаи сугерираа дека Велика Британија ќе се согласи да обезбеди 40 авиони, наместо 20-те најавени денеска. Првата испорака на новите авиони се очекува да се случи во 2030 година.

Посетата на Стармер на Анкара е негово прво патување во Турција откако стана премиер, иако тој се сретнал со претседателот Реџеп Тајип Ердоган неколку пати на меѓународни самити.

За време на посетата, британскиот премиер положи венец во мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерната турска Република, пред да го финализира договорот за „Тајфун“ во претседателската палата во Анкара.

Back to top button
Close