Словенија: Подигнат споменик за мигрантите погребани во неименувани гробови, а кои загинале на Балканската рута

На малите гробишта во селото Војна Вас, Југоисточна Словенија, подигнат е споменик во чест на мигрантите кои ги загубиле животите обидувајќи се да преминат во Словенија и кои најчесто биле погребувани во необележани гробови, јави денеска словенечкиот информативен сајт „Словенија тајмс“.
Ова е прва ваква иницијатива во земјата, а потекнува од работната група „Премин“, составена од истражувачи, новинари, уметници и активисти кои се залагаат за хумани гранични политики.
Групата посочува дека бројот на луѓе кои ги губат животите на европските граници расте, при што многумина се погребани во гробови обележани само со „Н.Н.“ (непознато лице). Нема официјални податоци за тоа колку лица загинале во Словенија.
Идејата за паметникот е на Нада Шимунич, жителка на блиското село Вуковци, кое се наоѓа на реката Купа на границата меѓу Словенија и Хрватска. Реката често ја преминуваат мигранти бидејќи не е многу длабока или широка, но и покрај тоа може да биде доста опасна, поради што многу мигранти се удавиле таму низ годините.
Посетувајќи ги гробиштата минатата година, таа забележала запустени гробови со натпис „Н.Н.“ и, како што самата наведува, сфатила дека „тоа не се непознати луѓе – тие се татковци, синови, ќерки, мајки, браќа, внуци“.
Камениот споменик, тежок три тона, е изработен од скулпторот Томаж Фурлан и е обликуван како мост, изграден од камења земени од реката Купа.
На церемонијата на отворање на паметникот на 23 октомври, Уршула Чеброн од Универзитетот во Љубљана ги прочита имињата на 50 лица кои загинале на границите на Словенија, а Мухамед Хазрати од Авганистан и Дезмонд Нана од Камерун го споделија своето лично искуство.
Словенија се наоѓа на Балканската миграциска рута, една од главните рути кон Европа за мигрантите и бегалците од Блискиот Исток и Африка.
Нелегалните преминувања на границата се нагло намалени во споредба со пикот за време на миграциската криза во 2015 година. Словенечката полиција обработила 19.471 случај на нелегално преминување во првите девет месеци од годинава, што е помалку од половина од бројот пред една година.






