Александар Јовановски на позицијата директор на Комунална хигиена Скопје. Нема нафта, поставете директор побара УО од Арсовска

Александар Јовановски на позицијата директор на Комунална хигиена Скопје доаѓа од Град Скопје како инспектор во Секторот за инспекторат, а претходно искуство има и во Секторот за локален економски развој.
Александар има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружение за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти.
Јовановски има високо образование за менаџмент на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, и стекнат меѓународен сертификат за Институционални пристапи за заштита на животната средина.
Со своето образование, професионално искуство и ангажман во јавниот и приватниот сектор, Јовановски ќе придонесе во КХС Скопје за унапредување на стандардите на јавното претпријатие, модернизација на системите за управување со отпад и одржување на чиста, здрава и еколошки одговорна животна средина во градот Скопје.

Претпладнето Управниот одбор (УО) на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје  упати „итна ургенција“ до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска , предупредувајќи дека градот е пред „алармантна состојба“ со одржувањето на хигиената.

Во дописот, Управниот одбор информира дека претпријатието е речиси пред целосен прекин на работата, бидејќи резервите на нафта за возилата за собирање отпад се при крај.

„За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д.директор,“ се вели во ургенцијата.

Управниот одбор директно ја посочува одговорноста кај градоначалничката Арсовска, бидејќи претпријатието нема назначен в.д. директор кој може да ја потпише неопходната набавка.

„Доколку во најкус можен рок не назначите в.д.директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје е ВАША,“ децидно стои во писмото.

Одборот ја потсетува Арсовска дека, „спротивно на нејзините тврдења“ , ингеренциите за назначување и разрешување на директори на претпријатието ги има „исклучиво“ таа. Тие се повикуваат на членот 24 од Законот за јавните претпријатија и членот 40 од Статутот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, кои ѝ даваат овластување да именува в.д. директор, особено кога состојбата во претпријатието „ИТНО го налага тоа“.

Во дописот, УО ја потсетува градоначалничката и дека „во текот на изминатите четири години токму ВИЕ именувавте пет в.д.директори на ЈП Комунална хигиена-Скопје и разрешивте четири од нив“.

Управниот одбор бара од Арсовска „ИТНО да назначи нов в.д.директор“ кој ќе раководи со претпријатието, со цел да се овозможи неговата примарна дејност и да се заштити животната средина и јавното здравје

Претходниот директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје , Рустеми , кој беше уапсен и му беше одредено 30 денови затворски притвор осомничен за загрозување на здравјето на граѓаните на Скопје оставка од функцијата поднесе на негово барање на распитот кај судија на претходна постапка . Власта за хаосот со ѓубрето во градот вина виде кај директорот Рустеми и раководител во КХС Скопје но не и во Управниот одбор на претпријатието на чие чело е кадар на ВМРО ДПМНЕ.

Back to top button
Close