Цеца за бугарското знаме во Велес: Не знаев дека не се сакаат толку многу – жал ми е ако повредив нечии чувства

Настапот на српската пејачка Светлана Ражнатовиќ во Велес се уште предизвикува вистинска бура во јавноста. Покрај реакциите во Македонија за веењето на бугарското знаме, на големо се зборува и на српската сцена.
Во интервју за српските медиуми, фолк пејачката Светлана Цеца Ражњатовиќ дообјасни дека обожавателка од публиката ѝ го фрли бугарското знаме на концертот во Велес, а рече дека фанови во различни земји го практикуваат истото.
-Огромна чест ми е кога некој ми го дава знамето на својата земја. Го завиткав околу мене и одеднаш се слушнаа свирежи. Не знаев за што се работи, си помислив, дали го превртев наопаку? Гледам дека не е македонското, си викам не сум луда. Но тоа никогаш порано не се случило никаде. Бев целосно збунета. Мики Секуловски ми приоѓа и вели: „Знамето, знамето!“ Прашувам: „Што е со знамето?“, а тој вели: „Тргни го, тргни го брзо!“ Поминаа секунди, повторно прашувам: „Зошто, што се случи?“, а тој извикува: „Тоа е бугарското знаме!“ Велам: „Добро, и?“, а тој повторува: „Остави го знамето! – изјави Цеца за српски „Телеграф“.
И откако го тргнала вели дека не разбрала за што станува збор.
-Навистина не знаев дека не се сакаат толку многу. Многу ми е жал ако повредив нечии чувства. Тоа апсолутно не ми беше намера, бидејќи не се занимавам ниту со домашна, а камоли со соседска политика – кој кого сака или не. Навистина се трудам да ширам само љубов преку мојата песна, и ова трае веќе 38 години. Така ќе остане. Ако несвесно повредив нечии чувства вечерва, искрено се извинувам, бидејќи навистина не ми беше намера – рече Цеца.
Таа информираше дека на настапот во Велес се случи „вистински делириум“ кога го крена македонското знаме.
-Не сакам никој да мисли дека било значајно, бидејќи јас немам апсолутно никаква врска со тоа. Повторно велам, никогаш не сум одела со намера да повредам нечии чувства. Ги почитувам сите чувства кај луѓето – националното знаме, религијата и националноста. Исто така, барам моето да се почитува. Бидејќи кога не го почитуваш своето, не знаеш како да го почитуваш туѓото. Барем сум многу внимателна во врска со тие работи. Но, ете, тоа се случи – порача пејачката.






