Предложен нов список на лектири во основното образование

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за нов предлог-лектирен список за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието – „активно да се вклучат во дефинирање современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес“.

МОН на својата веб-страница објави предлог-список на лектири посочувајќи дека потребата од ажурирање на лектирниот список произлегува „од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст“.

-Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно. Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училиштен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби, наведува МОН.

Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но, додава МОН, „и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој“.

Предлог-списокот на лектири е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто.

Back to top button
Close