ВМРО-ДПМНЕ го омаловажи извештајот на ЕК како „извештајче“, опозицијата бара одговорност


По објавата на годишниот извештај на Европската комисија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ документот од Брисел го нарече „извештајче“, оценувајќи дека е дел од „политички условувања и притисоци“ и дека вакви и слични „извештајчиња“ ќе продолжат додека не се затвори спорот со Бугарија.
Партискиот центар за комуникации ја надгради тезата: Македонија „ќе продолжи со реформите на европскиот пат“ независно од „условувањата“, додека критиките од домашната опозиција (СДСМ) за „најлош извештај во последна деценија“ беа отфрлени како дел од „бугарско сценарио“.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е сериозен аларм за иднината и перспективата на државата, нагласувајќи дека е најлошиот извештај којшто Македонија го добила во изминатите десетина години.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој Извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.






