Кошта и Кос го поздравија договорот за тунелот како чекор за градење доверба меѓу Скопје и Софија

Европската унија го поздрави договорот меѓу Македонија и Бугарија за изградбата на тунелот за железницата на Деве Баир како чекор за градење доверба меѓу двете земји чии односи се прилично напрегнати.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за свеченоста во Ѓуешево реагираше на Икс:

„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“, стои во објавата на Кошта.

И еврокомесарката Марта Кос се јави со реакција:

„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето“, напиша таа.

Договорот за изградба на тунелот го потпишаа вчера министрите за транспорт на двете земји, Александар Николоски и Гроздан Караџов. Потпишувањето на овој договор беше голема промена на ставот на Николоски и други претставници на владата, кои пред една година тврдеа дека парите за оваа пруга нема да ја градат и парите ќе ги пренасочат за изградбата на железницата кон Солун. Кога НАТО ја стави пругата кон Софија како важен сегмент за тактичката и воена поврзаност, македонската влада го смени наративот. Присуството на американската амбасадорка Анџела Агелер на церемонијата во Ѓуешево најдобро зборува за американскиот интерес, поддршка, па и притисок за целиот проект.

Back to top button
Close