Во Шведска има 17.500 активни членови на криминални банди

Околу 67.500 лица во Шведска имаат врски со криминални банди, се наведува во извештајот објавен денеска од шведската полиција.

Од нив, 17.500 се активни членови, а уште околу 50.000 лица се дел од нивното најблиско опкружување, се наведува во документот кој се фокусира на долготрајниот проблем со криминалните мрежи во земјата.

– Сè уште имаме премногу голема група лица кои или активно учествуваат во банди или имаат врски со нив, изјави шефицата на шведската полиција Петра Лунд.

Таа нагласи дека полицијата интензивно работи за да го запре овој тренд, но дека се потребни пошироки општествени мерки, кои ќе ги опфатат предучилишните установи, училиштата и социјалните служби.

Шведска, со население од околу 11 милиони жители, со години се соочува со криминални групи што водат борби за контрола над нелегални бизниси, како што е трговијата со дрога.

Најголемиот дел од активните криминалци живеат во три метрополитенски области – Стокхолм, Гетеборг и Малме.

Извештајот наведува дека 81 отсто имаат само шведско државјанство, 11 отсто само странско, а 8 отсто се двојни државјани. Деведесет и четири отсто од нив се мажи.

Многу високи членови на криминални банди побегнале во странство, но неколкумина неодамна биле екстрадирани назад во Шведска, каде што ќе одговараат за своите злосторства, рече Лунд.

Back to top button
Close