ЛДП ќе поднесе предлог-измени на Изборниот законик со кои владините повереници не би можеле да се кандидираат за градоначалници на повторените избори

Со предлог-измени во Изборниот законик, Либерално-демократската партија (ЛДП) ќе се обиде да издејствува владините повереници кои ќе бидат назначени во општините каде нема избрано градоначалници да немаат право да се кандидираат на повторените избори во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа каде на локалните избори оддржани на 19 октомври годинава, не беше исполнет потребниот цензус.

„Со оваа мерка сакаме да спречиме можност за нефер предност на поверениците во однос на другите кандидати, како и потенцијални злоупотреби во периодот до одржување на повторените избори“, велат од ЛДП.

Оттаму велат дека оваа иницијатива следува по прифаќањето на предлогот на ЛДП за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници, кој веќе се наоѓа во собраниска процедра и оти со него, по речиси три децении, граѓаните повторно ќе имаат можност да ги разрешат неефикасните и нетранспарентните функционери.

„Усвојувањето на измените на Изборниот законик ќе придонесе за создавање фер и еднакви услови за политички натпревар, без сомнежи во евентуални злоупотреби или политички влијанија“, изјавија од ЛДП.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека тој очекува Владата да именува повереници, но повика да се почека до конечното и официјално завршување на изборниот процес.

Претходно, градоначалникот на Врапчиште и в.д. градоначалникот на Гостивар, кои се од редовите на НАИ, за 360 Степени кажаа дека Владата нема право да именува повереници во нивните општини откако пропадна првиот круг за избор на градоначалници во локалните самоуправи кои ги водат, а своите ставови ги темелат на на одредби во Изборниот законик и Законот за локалната самоуправа

Од Државната изборна комисија, која по закон го почнува процесот за именување повереници, не добивме дециден одговор – како ќе постапат во случајот. Универзитетскиот професор, Марко Кртолица, пак, вели законите се доволно јасни дека во случајот треба да се именуваат повереници.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close